Црна хроника
Запленети цигари, пумпи за вода, часовници, авто делови, облека..
Во текот на минатата недела и Божиќните празници, царинските службеници спречија два обиди за криумчарење цигари, повеќе обиди за криумчарење на стока, при што привремено се задржани пумпи за вода, диодни светла, рачни часовници, лекови, калапи за накит, авто делови, облека и друго.
Во првиот случај, царинските службеници во соработка со полициските службеници од граничниот премин, спречија обид за криумчарење на 31 штеки и 6 кутии цигари со македонски акцизни маркички. Цигарите се откриени при преглед на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, пријавено за излез од државата. Возилото било управувано од бугарски државјанин, во придружба на две сопатнички, исто така бугарски државјанки. Поради невообичаената релација на движење и сомнителното однесување на патниците, извршена е детална контрола на возилото и личен претрес на патниците. Притоа под облеката на патниците откриени се вкупно 316 кутии цигари.
Во вториот случај, при контрола на патните торби на британски државјанин, кој се пријавил за излез од државата со намера да отпатува за Лондон, пронајдени се непријавени 23 штеки цигари со македонски акцизни маркички.
Од непријавена стока:
3 пумпи за црпење вода откриени се при контрола на празно товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените пумпи биле сокриени во просторот за палети на возилото.
3.400 парчиња диодни светла, 12 парчиња калапи за накит, 423 парчиња рачни часовници, 580 парчиња ремчиња за рачни часовници, 55 парчиња разни лекови, 1 професионална билјард маса во делови, 216 парчиња и 65 сета разни авто делови, привремено се задржани при контрола на патничко моторно возило-комбе со косовски регистарски ознаки. Во возилото кое сообраќало на линија Истанбул-Приштина, управувано од лицето Б.Ш. косовски државјанин, пронајдена е поголема количина на разна непријавена стока. Стоката била сопственост на возачот и тројца сопатници во возилото (двајца косовски и еден српски државјанин). Поради основано сомневање за менување на регистарските таблички, привремено е задржано и возилото во кое е пронајдена стоката.
Стока за која постои сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост:
100 парчиња блузи и 180 парчиња хартиени налепници за текстил со лого на заштитени трговски марки чија вкупна вредност доколку се работи за оригинал производи би изнесувала 300 илјади денари. Стоката е пронајдена кај патник (македонски државјанин) при извршена контрола на патничко моторно возило комбе со македонски регистарски ознаки пријавено за влез во Република Македонија, кое сообраќало на релација Истанбул-Скопје.
Непријавената стока е привремено задржана, а против пријавените поднесени се соодветни прекршочни постапки. За стоката која е привремено задржана поради основано сомневање дека претставува фалсификат на заштитени трговски марки започнати се постапки за утврдување на оригиналноста./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

