Црна хроника
Службеничка во „Македонски пошти“ крадела од сметки на граѓани
Службеничка во подружница на „Македонски пошти“ во Кочани крадела од трансакциски сметки и присвојувала пари со кои граѓаните плаќале сметки за струја и вода, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во текот на 2013 година, В.Ј. (45) од Кочани, вработена во АД „Македонски пошти“ ги присвојувала паричните средства уплатени од физички лица по основ на платени фактури за електрична енергија и вода. Некои сметки ги сторнирала, а некои воопшто не ги евидентирала.
Исто така, од трансакциони сметки на девет лица со налози за исплата на готовина подигала парични средства и ги користела за себе, а потоа со уплатница повторно им ги плаќала на сметките.
На овој начин, В.Ј. неовластено се послужила со 1,8 милион денари, противправно за себе присвоила 39.304 денари, а го оштетила друштвото за 27.429 денари.
Кочанската полиција против неа поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и продолжено кривично дело „послужување во службата“.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

