Црна хроника
Уапсени цариници за криумчарење на облека
Раководителот на Царинската испостава Ново Село и 12 лица меѓу кои шест царински службеници се уапсени во петок, во рамки на обемна полициска акција, за криумчарење на текстилна роба со која снабдувале повеќе бутици во Македонија, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според сознанијата на полицијата, правните субјекти ја купувале робата од Бугарија и Грција и ја оставале на одредено, само за нив познато место во двете држави.
По претходен договор, превозниците ја преземале стоката и ја пренесувале во Македонија. Истите транспортот го вршеле преку граничниот премин Ново Село до однапред договорена дестинација и тоа секогаш кога на должност биле некои од царинските службеници-членови на злосторничкото здружение, кои во договор со истите не вршеле царинска контрола, односно преглед на возилата и трговската стока што се пренесувала, а со цел да бидат избегнати задолжителните царински давачки.
За извршениот транспорт, нарачателите на трговската стока, на транспортерите откако ќе им ја доставеле трговската стока им плаќале одреден износ, а тие вака стекнатата противправна имотна корист не ја зачувувале за себе, туку по секој извршен транспорт, одредена сума им предавале цариниците.
Освен 13-те лица кои се лишени од слобода, досега се запленети и осум возила со кои е вршено кривичното дело, а отпочна и втората фаза на акцијата, односно во тек се мерки и активности кои се преземаат во координација со УЈП и Пазарна инспекција во поголем број објекти во кои се продавала криумчарената трговска стока на повеќе локации во Струмица, Скопје, Прилеп, Куманово, Василево, Виница, Тетово и Штип, информира МВР.
Против сите уапсени полицијата поднесе кривична пријава поради основано сомнение дека сите заедно сториле повеќе кривични дела како „злосторничко здружување” „злоупотреба на службена положба и овластување”, „криумчарење”, „фалсификување исправа” и „употреба на исправа со невистинита содржина”.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

