Црна хроника
На граничните премини запленети девизи, лекови, зеленчук, муниција, рачни часовници …
Во текот на изминатата седмица и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани значителен износ девизи, лекови, зеленчук, ловечка муниција, рачни часовници, бижутерија и женски чанти.
Околу 33 илјади швајцарски франци незаконски пренесени се откриени на скопскиот аеродром „Александар Велики”, при личен претрес на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих и се определил за зелен канал, каде минуваат патници кои немаат што да пријават за царинска контрола. Во внатрешен џеб од палтото на патникот пронајдени се 45 илјади швајцарски франци, од кои, согласно Законот за девизно работење, 12 илјади франци (противвредност на 10.000 евра) му се вратени.
Други непријавени 4.600 швајцарски франци се откриени на граничниот премин Блаце, при личен претрес на македонски државјанин, патник во патничко возило со швајцарски регистарски таблички, пријавено за излез од државата. Во џебовите на панталоните на патникот пронајдени се 1.500 евра и 5.300 швајцарски франци, од кои му се вратени девизи во противвредност на 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.
Продолжуваат и обидите за нелегално внесување лекови и препарати во земјата, па така 1.620 таблети „Decort” (600 таблети од 0,50 mg и 1.020 таблети од 0,75 mg) се откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патна торба, сопственост на македонска државјанка, која како патничка во автобус што сообраќал на релација Турција – Македонија, се пријавила за влез во државата. Патничката не поседувала никаква медицинска документација или дозвола издадена од Бирото за лекови, што е потребно за внесување на лекови во Република Македонија.
Службениците на царинската испостава Гевгелија, при детален преглед на товарно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со зеленчук, пријавен за увозно царинење за фирма увозник од Скопје откриле 1.710 килограми домати. Увозникот не ја опфатил целата стока со приложената увозна декларација, со што се обиде да избегне плаќање увозни давачки во износ од околу 24 илјади денари.
Непријавена ловечка муниција пронајдена во четири кутии, сокриени под задното седиште на возило, односно 60 патрони ловечка муниција од кои 25 патрони од типот „rottweil special” 36, 25 патрони од типот „rio game load c16″ и 10 патрони од типот „rio royal buck 9p”, се откриени на граничниот премин Табановце – автопат, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата.
Модните додатоци сé уште се привлечни за криумчарите, па тала се откриени два одвоени случаи на граничниот премин Блаце, при контрола на две патнички возила пријавени за влез во државата. Во првиот случај при контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски таблички, во две женски чанти и една кеса сместени на задното седиште на возилото, пронајдени се 374 машки и женски рачни часовници од различни марки. Непријавените часовници биле сопственост на македонска државјанка, патник во возилото.
Во вториот случај, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, во две кеси сокриени под совозачкото седиште на возилото, пронајдени се 254 модни додатоци – бижутерија (ланчиња, нараквици, приврзоци за клучеви и др.).
Дополнителни шверцувани 425 модни додатоци (рачни часовници и женски чанти), се откриени, исто така, во два одвоени случаи на скопскиот аеродром „Александар Велики”.
Во првиот случај, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Малме, Шведска, пронајдени се 340 рачни часовници. Додека во вториот случај, при контрола на патните торби на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул, пронајдени се 85 женски чанти./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

