Црна хроника
Директор на тетовско училиште ги трошел службените пари за лични потреби
Директорот на тетовското основно училиште „Рилиндија“ ги користел службените пари за свои лични потреби со што го оштетил државниот Буџет за речиси милион денари, соопшти во среда Управата за финансиска полиција.
Директорот на училиштето „Рилиндија“, М.А(48) од Тетово, со помош на Б.Ф. (52) кој бил претседател на Советот на училиштето, во период од април 2009 до декември 2013 година во повеќе наврати ги пречекорил своите службени овластувања и противправно изготвувал и потпишувал договори за вршење на услуги со негови блиски лица и лица во редовен работен однос во основното училиште со кое раководел, за наводно извршување на комунални услуги од типот уредување на мебел, лакирање на врати и јазли, сечење на дрва, санирање на подови, туркање и чистење на потпорни ѕидови, регулирање на кров, санација на кров, реновирање на објекти и спортски терени и слични работни активности кои не се дел од работните задолженија на наставниот кадар во училиштето.
Врз основа на вака склучените договори, се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција, по налог на директорот, од сметката на училиштето на неговата лична трансакциска сметка и на трансакциските сметки на 14 други физички лица, противправно се префрлени парични средства во износ од 902.918,00 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РМ.
„Доказ дека буџетските средства се злоупотребени и искористени за приватни потреби е фактот што за сите овие услуги веќе претходно се склучени договори со други правни субјекти (економски оператори) ангажирани од страна на директорот на училиштето“, стои во соопштението.
По барање на директорот на училиштето, лицата на кои им биле исплатени паричните средства, не поднеле ниту Годишни даночни пријави за персонален данок на доход во Управата за јавни приходи, што укажува на намерата на М.А. да се прикрие незаконското работење во училиштето, велат од Управата за финансиска полиција.
Против М.А. е поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомненине дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Б.Ф(52), претседател на советот на училиштето поради постоење на основано сомение за сторено кривично дело „помагање“.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

