Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Двајца малолетници од Лабуништа направија сообраќајка, едниот возел мотор, другиот тротинет

Во селото Лабуништа, Струшко, се случи сообраќајна несреќа помеѓу двајца малолетници.
Едниот управувал мотоцикл „априлија“ без регистарски таблици, а вториот – електричен тротинет. Двајцата се од Лабуништа, соопшти МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот кој го управувал тротинетот, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид.
Црна хроника
Полицаецот ги користел запленетите пари и накит за да си отплати долгови, па рекол дека шкафот му е обиен – Обвинителството со детали

Донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против полицаецот од Гостивар кој украл накит и пари запленети при претреси.
Осомничениот како како крим техничар бил ангажиран на увид во кој биле пронајдени предмети – парични средства во износ од 25.000 евра и златен накит кои тој ги фотографирал и подигнал.
По извршениот увид во рамките на своите службени должности настанот и предметите уредно биле внесени во дневната книга на настани и ЦЕМС системот.
„Осомничениот направил неколку обиди да ги предаде предметите на надлежниот јавен обвинител, но поради немање услови за чување во обвинителството, по насоки на јавен обвинител тој ги заклучил во неговиот шкаф во работната просторија. Предметите биле таму сѐ до моментот кога, иако му биле доверени во службата, одлучил да ги присвои. Така во неколку наврати подигнувал дел од парите и од златниот накит што го разменувал во златарница за парични средства кои понатаму ги користел за отплаќање на долгови. За да ги сокрие трагите, осомничениот ја извадил бравата од шкафот во неговата работна просторија и исценирал дека истиот е обиен“, соопшти Обвинителството.
Во текот на вчерашниот ден, кога неговите колеги го известиле за настанот, односно дека се прави увид во неговата канцеларија заради обиениот шкаф, тој дошол и го признал делото изразувајќи каење.
Предметниот обвинител на судијата на претходна постапка ќе му предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.
Црна хроника
Седумнаесетгодишник со автомобил излета во Ресен, тешко повредени две млади лица

Возило управувано од 17-годишник, во текот на вчерашниот ден излетало од патот Ресен-Стење, на влезот во селото Царев двор.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот, сопатникот С.М.(19) и малолетен сопатник, а со телесни повреди се здобил уште еден малолетен сопатник, сите од Ресен, соопшти МВР.
Извршен бил увид.