Црна хроника
Хаџиски осуден на 20 години затвор
Миле Хаџиски обвинет за убиството на Мери Јошеска, коешто се случи во 1993 година, е осуден во понеделникот на 20 години затвор.
Обвинетиот ја слушна пресудата без никакви емоции на лицето и никакви реакции.
Судијката во образложението на пресудата рече дека сторителот на убиството е токму Хаџиски и дека со овој случај се докажала народната мудрост „правдата е бавна, ама достижна“.„Со оваа пресуда, покојната Мери Јошеска ќе најде мир, а нејзините најблиски ќе веруваат дека ова е правна држава“, рече судиката Татјана Михајловска.Според неа, овој судски процес и пресудата се случиле откако Хаџиски беше фатен при грабеж во Швајцарија и откако побара екстрадиција во Франција.„Обвинетиот и сам рече дека побарал екстрадиција од Шајцарија во Франција со надеж дека нема да биде екстрадиран како француски државјанин. Тој нема ниту желба, ниту намера да се соочи со правдата. Од него слушнавме само фрази за ковање заговор без никакви докази. Во изминативе 20 години го живее сојот живот по своја желба, а Мери ја немаше таа можност“, рече судијката.На Хаџиски му е продолжен притворот до правосилноста на пресудата, иако неговиот адвокат побара да биде пуштен да се брани од слобода и побара од судијката да одлучува „според закон, а не според чувства“. Хаџиски побара да биде префрлен во затворот „Идризово“ да го издржува притворот.Според адвокатот Стеван Павлески, казната затвор е превисока и во овој случај не биле земени предвид некакви олеснителни околности. Според обвинението, Хаџиски по расправија со Мери почнал да ја дави за вратот толку силно што ѝ ја скршил подјазичната коска, со пепелник ја удрил по главата, а потоа со два ножа ја избодел во пределот на градите, стомакот и црниот дроб.Ја оставил да искрвави до смрт, украл златно синџирче и прстен. Ги избришал трагите од крв на ножевите, едниот бил негов, а другиот, кујнскиот нож, го вратил на место. Се преслекол со позајмена облека и заминал со другар во кафуле. Според обвинението, се обидел дури и да го продаде накитот.За овој случај имаше две судења, на првото судење Хаџиски беше осуден на 15 години затвор, но поради пропусти во постапката судењето беше вратено на повторно судење, а Хаџиски по 90 дена минати во притвор беше ослободен. На повтореното судење, доаѓаше на неколку рочишта, но потоа избега од земјава.На тоа судење беше осуден на 20 години затвор, но исто толку години македонската полиција не можеше да го најде.Откако избега од земјава, се приклучил во Легија на странците во Франција, каде служел 15 години, под друго име Зоран Томовиќ. Хаџиски на минатото рочиште негираше дека бил дел од верска секта и со тоа ги негираше тврдењата во јавноста дека убиството било дел од обред на секта./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

