Црна хроника
Исчезна телохранителот на струшкиот градоначалник
Жител на струшкото село Велешта, Уран Купа (27), вработен во општина Струга како лично обезбедување на градоначалникот Зиадин Села, се води за исчезнат од 6-ти февруари, кога последен пат бил виден во јавност.
Тој попладнето излегол од својот дом со автомобил „Ауди А4“ на прошетка, а последен пат бил виден околу 19.00 ч. на ул. „Ристо Крле“, по што му се губи секаква трага. Случајот во полицијата го пријавил неговиот татко во 1.15 ч. на 7-ми февруари, јавува Охридњус.Градоначалникот на Струга Зиадин Села смета дека неговиот вработен е киднапиран и упати апел до граѓаните да пријават доколку имаат било каква информација која може да помогне да се пронајде Уран Купа и побара од надлежните институции одговор за случајот.„Вечерта кога е случен настанот, во Струга имало полициски службеници во цивил од други места кои вршеле легитимирање без знаење на ПС Струга. Тоа е индикативно и ни става на знаење дека органите за безбедност треба да имаат некакви информации, но за жал нема трага од нашиот вработен, што е доказ дека киднапирањето е извршено од професионалци“, рече Села на прес конференцијата во просториите на општината, на која присуствуваа и членови на семејството на исчезнатиот.Тој изрази сомнеж дека вработениот кој се води за исчезнат можеби е предмет на полициска истрага.„Ако е притворен бараме да ни се каже, доколку некој го прекршил законот треба да одговара, но нема да се толерираат повеќе вакви работи во Струга, затоа што не е прв пат на ваков начин да исчезнуваат луѓе од нашиот град“, рече Села, додавајќи дека за случајот се информирани меѓународните фактори во земјата. Села посочи дека Уран Купа поседувал најсовремен мобилен телефон кој може да се лоцира. Критичната вечер од него тој пратил смс порака до семејството да не му се јавуваат бидејќи бил со луѓе. Но, семејството се сомнева дека тој не ја напишал таа порака, бидејќи никогаш порано не го направил тоа.„Поминаа повеќе од 30 часа од исчезнувањето. Бараме одговор каде е Уран Купа“, рече градоначалникот Села.Од СВР Охрид информираат дека полицијата интензивно работи на решавање на случајот од моментот на пријавување.„Во интерес на СВР Охрид и ПС Струга е да се реши случајот и оттаму сите наши сили и активности се насочени кон пронаоѓање на исчезнатото лице. Не ги коментираме изјавите на градоначалникот Зиадин Села и го повикуваме да соработува со полицијата со цел побрзо да се расветли овој случај“, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.Toј истакна дека полицијата ги презела сите потребни мерки за разрешување на случајот кој ја вознемири струшката јавност./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

