Црна хроника
„Комити“ нападнале полицаец, краделе во маркет и искршиле автомобил во Велес
Навивачката група на фудбалскиот клуб „Вардар“ од Скопје во четвртокот на натпреварот меѓу скопскиот клуб и фудбалскиот клуб од Кратово, „Силекс“ што се одигра на стадионот во Велес, нападнале полицаец а по натпреварот дивееле во маркет и оштетиле автомобил во сопственост на обезбедувањето.
Приведени се тројца навивачи, а од полицијата најавуваат и кривични пријави.Еден од навивачите на „Комити“ за време на натпреварот околу 13.30 часот, се обидел да се качи на метална ограда, а потоа околу 50 навивачи тргнале кон полицаецот кој го предупредил да се симне од оградата и го потиснале на металната ограда. За да ги смират навивачите, полицајците морале да употребат гумени палки. По овој инцидент приведени се тројца навивачи на возраст од 20 и 27 години од Скопје.Попладнето околу 16.30 часот 11 лица од навивачката група влегле во маркет во Велес. Еден од нив бил фатен како кради чоколади од маркетот, а другите почнале да ги навредуваат, малтретираат и им се закануваат на вработените со физичка пресметка, по што ги кршеле корпите пред влезот на маркетот и се обиделе насилно да ја отворат влезната врата која била затворена после кражбата.Потоа оштетиле автомобил „фолксваген поло“ сопственост на „Секурити Груп Сервис“ паркиран пред маркетот од страна на обезбедувачот на маркетот. По целосно документирање на настанот, од страна на Секторот за внатрешни работи Велес ќе бидат поднесени кривични пријави за „насилство“ и „напад над службено лице при вршење работи на безбедноста“ и прекршочна пријава против две лица за сторен прекршок од областа на „законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари“. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

