Црна хроника
Криумчарел амфетамини во чорапи
Македонските цариници спречиле обид за шверц на амфетамини на граничниот премин Табановце.
Како што соопшти Царината, во неделата околу 22:00 часот, на граничниот премин Табановце за влез во Република Македонија се пријавило патничко моторно возило со македонски регистарски таблички управувано од македонски државјанин. При претрес на патничкото моторно возило, во патна торба оставена на задното седиште од возилото во долна тренерка пронајдени се два црни чорапи наполнети со непозната густа материја со бела боја. Чорапите биле сокриени во двете ногавици од тренерката, поточно во поставата која потоа била рачно сошиена со конец.
По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство – Куманово, веднаш се преземени активности согласно овластувањата во рамките на правосудната полиција, заради утврдување на сите факти и докази во врска со кривичното дело.
Од спроведените предистражни мерки и активности, утврдено е дека непознатата материја, со вкупна тежина од 191,67 грама, преставува психотропна супстанција, стимуланс на централниот нервен систем – амфетамин кој е класифициран во листата на забранети опојни дроги и психотропни супстанции.
Покрај лицето кое го управувало возилото, за кривичното дело осомничено е уште едно лице државјанин на Република Македонија. Двете осомничени лица по претходен договор се сретнале во градот Бремен, Германија каде организаторот на транспортот му ја дал патната торба на возачот на автомобилот во која биле сокриени двете пакувања со амфетамин. Возачот, требало да ја пренесе торбата со амфетамин во Република Македонија за одреден паричен надомест.
Против двајцата е поднесена кривична пријава. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

