Црна хроника
Кривична за директорот на „Транс Велес“ и сопственик на „Тедико“
Полицијата поднесе кривични пријави против директорот на „Транс Велес“ и сопственик на „Тедико Илија“, Илија Тепев, и против членовите на Одборот на директори на „Транс Велес“ под сомнение бидејќи кога требало да се отвори стечај на фирмата, незаконски го заложиле имотот во корист на „Тедико“ и ги оштетиле вработените за над 330 илјади евра.
„Првопријавениот како овластено лице – извршен директор на ’Транс Велес’ АД Скопје, второпријавениот во својство на претседател на Одбор на директори и останатите пријавени во својство на неизвршни членови на одборот на директори на АД ’Транс Велес’ АД Скопје, во 2005 година ја злоупотребиле службената положба и овластување на тој начин што, иако настапила околност за отворање стечајна постапка, истите донеле одлука а потоа и склучиле Анекс договор со кој се одобрува ставање на дополнителна хипотека на недвижен имот проценет во износ од 307 800 евра, имот на ’Транс Велес’ АД Скопје, како гаранција заради обезбедување на кредитно барање на ’Тедико Илија’ ДООЕЛ Велес. Заради неисполнување на обврските од страна на ’Тедико Илија’ ДООЕЛ по барање на доверителот Тутунска банка АД Скопје, спроведена е постапка за извршување врз недвижноста сопственост на Транс Велес АД Скопје, односно, извршена е продажба на недвижноста во вкупна вредност од 20 474 888 денари, сума за која им нанеле значителна штета на останатите акционери на Транс Велес АД Скопје“, се вели во соопштението на МВР.Исто така поднесена е кривична пријава против извршниот директор на „Велеспорм“ бидејќи склучил штетен договор со „ТрансВелес“.„Во 2005 година постапил спротивно на Законот за трговски друштва, односно, без одлука на надлежен орган на АД ’Велеспром’ Велес (Одбор на директори и Собрание на акционери), самоиницијативно склучил штетен договор и го отстапил побарувањето во износ од 8 391 992 денари во корист на ДАТШ ’Транс Велес’. Имено, побарувањето произлегува од инвестиционите вложувања кои АД ’Велеспром’ Велес ги вложил како соинвеститор во реконструкција на објект на ДАТШ ’Транс Велес’ АД Скопје, за да потоа, ’Транс Велес’ АД Скопје реконструираниот објект го заложи во корист на мнозинскиот акционер ’Тедико Илија’ ДООЕЛ Велес. Со наведеното, пријавениот нанел значителна штета на имотот на АД ’Велеспром’ Велес во износ од 8.391.992 денари, во корист на ДАТШ Транс Велес АД Скопје“, додаваат од Министерството за внатрешни работи.Тепев, кој има и други кривични пријави, е недостапен за полицијата и повеќе години живее во Бугарија со бугарско државјанство./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

