Црна хроника
Кривични пријави за осум лица за криминал со огревно дрво
Полицијата поднесе во вторникот кривични пријави против осум лица, седуммина од Скопје и еден од Кичево, осомничени за криминал со огревно дрво. Од нив шестмина се уапсени,а двајца се во бегство.
Пријавените Ј.Ч. (самостоен референт во Јавното претпријатие „Македонски шуми“ – ПШС Караџица), А.К. (заменик командир на шумска полиција за подрачје на Скопје) и Г.Х., во периодот од март до мај 2014 година со намера да се стекнат со противправна имотна корист за себе или за друг преку легализирање на нелегално исечена шума – дрва за огрев, формирале организирана криминална група во која биле вклучени пријавените Ж.Ч. (сопственик и управител на Друштво за трговија и услуги „МЕГАМАК ДРВО“ ДООЕЛ Скопје, татко на пријавениот Ј.Ч.) и А.У.(шумарски техничар за заштита на шуми – манипулант во ДТУ „МЕГАМАК ДРВО“), а дополнително како членови ги вклучиле и пријавените А.А. и Ф.Ј., кои како корисници на услугите на злосторничкото здружение, односно како корисници на документацијата изготвена од членовите на злосторничкото здружение, го вклучиле и пријавениот В.А., кој знаел дека наведената документација е со невистинита содржина.Имено, Ј.Ч., А. К. и Г. Х., заеднички и во договор со Ж.Ч. и А.У., во мај 2014 година формирале правно лице МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје, за кое на нивно барање одлучувајќи согласно позитивните правни прописи Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство го овластило правното лице да врши работи во врска со шумите за приватни парцели и им издало жиг за обележување на исечени дрва. Вака формираното правно лице им служело како инструмент – средство за прикривање на нелегално исечената дрвна маса, „покривајќи ја“ со фиктивни процедури и постапки, како и фиктивна документација (одобренија за сеча и испратници за транспорт), со која ја легализирале нелегално исечената дрвна маса. Притоа, А.К. лицата корисници на одобренијата ги заштитувал од проверки и контроли од страна на Шумската полиција, Ж.Ч. како одговорно лице и сопственик на МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје издавал и заверувал фиктивна документација за легализирање на нелегално исечената дрвна маса, додека А.У. ја обележувал дрвната маса со жиг/печат, на кој начин нелегално исечената дрвна маса ја легализирал. Како членови на злосторничкото здружение ги вклучиле и А.А. и Ф.Ј., кои обезбедувале одобренија од МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје за сеча на име на лица кои поседувале имотни листови на реонот Кичево и на реонот на с.Танушевци. А.А. и Ф.Ј. обезбедувале податоци од лица-сопственици на катастарски парцели и во нивно име ваделе одобренија за сеча во приватна шума од МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје, за катастарски парцели за кои знаеле дека нема или нема доволно дрвна маса која била наведена во одобренијата за сеча. Пријавениот В.A. бил корисник на дел од споменатите одобренија за сеча и иако знаел дека парцелите не преставуваат парцели со шумска маса ниту пак на истите постоеле количини на дрва за која количина се издадени, сепак одобренијата ги користел, односно вака издадените одобренија служеле да при евентуална контрола на транспортот на дрвната маса од страна на државните институции кои се овластени за таква контрола, бесправно исечените дрва да ги прикажат како дрва посечени на легален начин. Криминалната група во одреден дел при своите криминални активности, особено внимание обрнала на криминално стопанисување со црковен имот – шума врз основ на издадени полномошна и договори склучени меѓу членовите на групата и црковни лица од неколку Епархии при МПЦ. Со ваквите дејствија, пријавени лица оштетувајќи ја дрвната маса – шумите во државна сопственост, оствариле противправна имотна корист за злосторничкото здружение во износ од 2.250.240 денари (7032 м3 х 320 денари за еден м3, вкупно за сите одобренија- согласно допис од УЈП), а на штета на Република Македонија, односно шумите во Република Македонија, за износ од 14.642.600, денари (2091,8 м3 х 7.000 денари, пресметано по Правилник за висината на цената за штети во шума објавен во Службен весник на РМ). Врз основа на наредби од Основен суд Скопје I Скопје, извршени се претреси во дом и други простории и на работното место во ЈП Македонски шуми ПШС Караџица на, при што се одземени лаптоп компјутери, таблет, куќиште од компјутер, печат со натпис МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ, повеќе УСБ, мобилни телефони, СИМ картици, мемориска картица, надворешна меморија, чекан со жиг, како и разна материјално финансиска документација, важни за кривичната постапка.Исто така, извршени се прегледи во три патнички моторни возила и едно товарно моторно возило, при што од камионот и едно автомобилот е одземена документација.На четири од пријавените лица одредена им е мерка притвор во траење од по 30 дена. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

