Црна хроника
Кривични пријави за шест лица за криумчарење мигранти
Шест македонски државјани организирале и криумчареле мигранти од Сирија, Сомалија и Палестина.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против шест македонски државјани, поради постоење на основано сомнение дека се сторители на кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење миграти“ „криумчарење на мигранти“.
На кривично пријавените Џ.С. (23), Е.И.(27), Ќ.Б.(45), Д.Ј. (26) и А.А.(30), им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека првопријавениот Е.С. (33), е сè уште недостапен, информира МВР.
Имено овие шестмина – Е.С., Џ.С., Е.И., Ќ.Б., Д.Ј. сите од Скопје и А.А.(30) од Куманово и уште две непознати лица, во организација на првопријавениот, за одреден паричен износ, прифатиле поголема група илегални мигранти, на погодна локација кај „Валандовско Брдо“, од каде и се обиделе да ги транспортираат преку Струмица и Радовиш, до подрачјето на Куманово, со цел нивно понатамошно криумчарење преку Србија кон некоја од земјите на ЕУ.
Според истрагата, завчера (07.09.) пријавените оствариле средба на бензиската пумпа “Макпетрол“, лоцирана на автопатот Скопје – Велес и сите заедно се упатиле во правец кон Гевгелија.
На погодна локација на Валандовско Брдо, застанале и ги прифатиле триесетината илегални мигранти од Сирија, Пакистан и Сомалија и веднаш се упатиле во правец кон Струмица. Пред Струмица истите завртеле и продолжиле кон Радовиш.
Околу 22 на патниот правец од Струмица кон Радовиш, од страна на униформирани полициски службеници од РЦ „Југ“, направен е обид да бидат сопрени пет патнички возила меѓу кои едно „БМВ“, две возила „Ауди“, еден „Фолксваген Голф“, сите со скопски регистерски ознаки, како и едно возило по кое се уште се трага. Наместо да постапат по полициската наредба и да застанат, лицата кои ги управувале наведените возила се дале во бегство. Од страна на еден полициски службеник биле испукани неколку куршуми во воздух за предупредување, по што едно од возилата скршнало кон патролата веројатно со намера да ги заплаши и прегази полициските службеници, доведувајќи ги во опасност. Еден од полициските службеници испукал кон возилото за да го оневозможи и го погодил во багажникот. При тоа е погодено едно лице, илегален мигрант, кој бил сокриен во багажниот простор. Ова било утврдено откако возилата биле сопрени на следниот поставен пункт во непосредна близина на клучката за Радовиш.
Имено едно возило било напуштено и оставено на половина километар од инцидентот, две од возилата имале меѓусебен судар во близина на следната контрола, едно возило било сопрено од полицијата, а петтото по кое се трага успеало да побегне. Илегалниот мигрант кој бил повреден е пренесен во УЦ-Скопје, каде му е констатирана огнострелна рана.
При, акцијата се откриени и приведени вкупно 30 илегални мигранти со потекло од Сирија, Сомалија и Палестина, меѓу кои имало и шест малолетници на возраст од 5 до 13 години кои се сместени во Транзитниот центар за странци во Скопје.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

