Црна хроника
Мајката која го фрли синот од тераса била психички растроена

Мајката која во понеделникот го фрли своето дете од тераса во скопската населба Хиподром, а потоа и самата се фрли, била психички растроена и со сопругот имале семејни недоразбирање, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи од каде излегоа со официјална информација за овој случај.
Случајот во полиција го пријавил сопругот во 8.47 часот и побарал интервенција од полицијата да ја однесе сопругата во соодветна институција, бидејќи се заканувала дека ќе го фрли нивниот син и себеси.Десетина минути подоцна истиот случај во полиција го пријавила сосетка која раскажала дека триесет иседумгодишната Ема се заканува дека ќе го фрли своето дете и дека самата ќе се фрли. По добиената пријава на местото на настанот била упатена групата за интервенции, која по пристигнувањето ја констатирале фактичката состојба и побарале да дојдат екипи на итна медицинска помош и бригадата за противпожарна заштита и да донесат воздушен душек. Противпожарната бригада со возило пристигнала од задната страна на зградата каде бил подобар пристапот за поставување на воздушниот душек. Таткото, заедно со сосед, стоеле под терасата и разговарале со жената со намера да разубедат во намерата. Околу 09.50 часот мајката го качила нивното шестгодишно дете на прозорецот од западниот дел на терасата и со раце го турнала. Паѓајќи, детето со глава удрило на метална шипка за поставување жица за сушење алишта, а неговиот татко и соседот успеале да го прифатат со раце и да го ублажат падот.Детето со возило на итна медицинска помош било однесено во Ургентен центар за укажување на медицинска помош. За тоа време мајката разговарала на телефон и фрлила два мобилни телефони и лист хартија – проштално писмо.Од страна на Противпожарната бригада душекот бил поставен под терасата каде се наоѓала мајката, но таа откако ќе видела дека е поставен душекот, влегувала во станот и се појавувала на прозорците од западната и југоисточната страна, каде душекот бил преместуван.Во меѓувреме преку Единицата за известување и команда е побарано да се вклучи алпинистички тим и лица за преговарање од Единицата за специјални задачи, кои со три возила пристигнале на местото на настанот околу 10.05/10.10 часот. По согледување на состојбата кон влезната врата од станот, веднаш се упатени преговарачкиот тим и тимот за обезбедување со задача да воспостават вербална комуникација со жената и да го обезбедат просторот. Околу 10.15 часот, преговарачкиот тим успеал да воспостави вербален контакт со мајката при што таа одговарала во вид на исповед за се што направила и има намера да направи. И рекле да ја отвори вратата со намера да се оддалечи од прозорците (за да на алпинистичкиот тим му овозможи да се спушти и ги блокира прозорците од станот), но таа не прифатила.Направен е и обид со давање информација за добра здравствена состојба на нејзиниот син да се одврати од намерата. За цело време додека траела комуникацијата Ема седела на рамката од прозорецот. Околу 10.20 часот прекинала комуникацијата, а мајката која била свртена со грбот кон надвор, ја тргнала раката од рамката на прозорецот и со наклонување наназад паднала.Во тој момент алпинистот се спуштил обидувајќи се да ја спаси, но не успеал во намерата. Со возило на итна медицинска помош била однесена во ургентен центар.Од извршените проверки во ургентниот центар од медицинските лица е заклучено дека мајката се здобила со повреди на градниот кош, додека нејзиниот син се здобил со повреди на коските на главата. Таткото изјавил дека неговата сопруга имала здравствени проблеми (психички нарушувања) и дека имале семејни недоразбирања.Увидот е во фаза на изработка и истиот во наредните денови ќе биде процесиран до Основното Јавно обвинителство во Скопје. Мајката и детето се закрепнуваат во Клиничкиот центар./крај/мф/
Извор: Фото: Утрински весник
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Наместо да ги евидентира, ги крадела парите: кривична за кумановка која во јавно претпријатие фалскификувала и уништувала деловни книги

Секторот за внатрешни работи Куманово до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М.А. (37) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторила кривични дела „проневера во службата“ по чл.354, ст.3, во врска со ст.1 и во врска со чл.45 и „фалсификување или уништување деловни книги“ по чл. 280 ст.2 во врска со ст.1 во врска со чл.45 од КЗ и против Ј.А. (52) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „несовесно работење во службата“ по чл.353-в ст.1 од КЗ. М.А. како службено лице, вработена во јавно претпријатие Куманово, на работно место референт/благајник.
Лицето во период од 09.11.2020 до 11.11.2024 во 410 наврати, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, континуирано присвоила вкупно 8.276.434 денари кои и биле доверени во службата, така што парите кои во готовина ги примала од наплатувачи-оператори од наплатни центри на јавното претпријатие наместо сите да ги евидентира и внесува во сметководствена документација и да ги уплати на трансакциска сметка во банка на јавното претпријатие, истата противправно дел од парите ги присвоила и задржала за себе, а во компјутерскиот систем изготвувала документи со преправање и менување-дуплирање на редни броеви и таквите документи, заедно со дел од дневните извештаи-спецификации за кои наменски изготвувала каса прими со дуплиран веќе постоечки број, за да не биде забележана, ги изнесувала од јавното претпријатие и ги уништувала, со што го оштетила јавното претпријатие за 8.276.434 денари.
Додека пак Ј.А., на работно место раководител на Одделение за сметководство и финансова оператива, очигледно несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности на тој начин што пропуштила должен надзор и во текот на работењето не извршила контрола над работењето на М.А. ниту пак извршила усогласување на сметководствената со фактичката состојба, односно проверка и споредба на вкупните износи на пари од наплатени сметки од граѓани и износите на пари внесени на трансакциска сметка во банка на јавното претпријатие, со што и овозможила на М.А. да се стекне со противправна имотна корист, со што придонела за настанување на финансиска штета.
Црна хроника
Мопед излетал од патот во Охрид: возило му го попречил правецот на движење

Вчера во 17.30 часот во СВР Охрид е пријавено дека на ул. „7 ноември“ во Охрид, мопед „кимко“, управуван од Т.Т.(44) од охридското село Куратица, излетал од коловозот.
Патнички автомобил „ровер“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Н.М.(60) од Скопје, кој се вклучувал во сообраќајот, му го попречил правецот на движење.
Притоа, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Охрид.
Црна хроника
Во сообраќајна незгода во Скопје тешко повредена девојка, која управувала електричен тротинет

Во сообраќајка што се случила во Скопје тешко е повредена девојка која управувала електричен тротинет откако се судрила со автомобил.
Според информациите на МЦР, вчера во 17.15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од ул.„Филип Втори Македонски“ и Кеј „13-ти Ноември“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу автомобил „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.И.(55) од Скопје и електричен тротинет, управуван од Д.П.(24) од Велес.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Д.П., констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.