Црна хроника
МВР ги соопшти деталите за синоќешниот инцидент на „Партизанска“
Министерството за внатрешни работи (МВР) во вторникот вечерта остро ги осуди, како што се истакнува во писменото соопшение, обидите за ширење дезинформации и невкусни инсинуации со цел добивање политички поени, а на сметка на девалвирање на професионалноста на вработените во МВР, притоа изнесувајќи ги деталите кои засега ѝ се познати на истрагата.
Од министерството, притоа, се истакнува дека интензивно, професионално и непристрасно се работи на расчистување на настанот од минатата ноќ во кој беше повредено едно лице.
Од МВР ги прецизираат настаните од ноќта кон вторникот, кога беше рането од огнострелно оружје едно лице, а на што според очевидци и медиумите, му претходела автомобилска бркотница и престрелка на булеварот „Партизански одреди“ близу централното подрачја на Скопје.
„Имено, минатата ноќ, непосредно по полноќ, во Ургентниот центар ‘Мајка Тереза’ било донесено лицето Д.Т. со повреди здобиени од огнено оружје. Од страна на екипи на СВР Скопје излезено е на лице место, извршени се разговори со повеќе лица и преземени се неопходните оперативно-технички мерки, при што е утврдено дека околу 23,30 часот на сé уште неутврдено место од страна на непознат сторител со употреба на огнено оружје биле испукани неколку истрели кон повредениот, кој најверојатно се наоѓал во неговото возило, при што сторителот се дал во бегство во непознат правец. Повредениот најверојатно се упатил кон Градската општа болница и движејќи се по булеварот Партизански одреди со своето возило ‘голф 5’ удрил во бетонска жардињера, при што возилото се превртело“, се наведува во соопштението на МВР.
Се посочува дека по инцидентот од страна на случаен минувач кој се движел со своето возило по „Партизански одреди“, била повикана итна медицинска помош и повредениот Д.Т. потоа бил примен во Ургентниот центар, каде поради сериозноста на повредите е извршен оперативен зафат и констатирани се тешки телесни повреди.
Од МВР претходно соопштија и дека во службата 192 немало пријавено пукање, па оти се утврдува каде и кога се случило пукањето и кој стрелал во сега повредениот.
„Повредениот по оперативниот зафат сé уште се наоѓа во животнозагрозувачка состојба“, се додава.
Претходно во вторникот болнички извори изјавија дека повредите се сериозни, но оти засега застреланото лице е во стабилна состојба. Во вторникот, исто така, беше потврдено дека на КАРИЛ лицето било примено со прострелни рани во стомакот, градите и раката, но и дека не бил во контактибилна состојба.
Од страна на СВР Скопје било во меѓувреме известено Јавното обвинителство, кое увидот на лице место го препуштило на увидната екипа на СВР Скопје. По извршениот увид на лице место, возилото е пренесено во кругот на МВР за натамошно вештачење. Од страна на скопската полиција се работи на целосно расчистување на случајот и идентификување на сите инволвирани лица.
Според вообичаената практика, МВР не го сооптшува целоснито идентитет на лица инвовлирани во различни инциденти. Меѓутоа, во јавноста се објавени информациите дека станува збор за 45-годишниот Даниел Трајковски познат како Близнакот од скопската населба Ѓорче Петров. Според медиумските написи, тој претходно веќе во неколку наврати пријавувал обид за напад врз него. Еден од обидите бил минатата година, кога, според пријавата, тој бил пресретнат од црн автомобил марка „пасат“, од каде што сакале да пукаат на него. Во дворот од куќата на Трајковски во 2012 година била фрлена бомба „кашикара“/крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

