Црна хроника
МВР: Лицето Д.С. бегајќи од една предизвикало друга сообраќајка, па побегнало пешки

Министерството за внатрешни работи во саботата излезе со официјално и детално соопштение за јавноста за синоќешната сообраќајна несреќа во скопската населба Тафталиџе, за којашто медиумите повикувајќи се на очевидци и полициски извори тврдат дека станува збор за дополнителниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов, во која се откриваат бизарни поединости од инцидентот.
Забележливо е меѓутоа, што иако според прописите и вообичаената практика во полицискиот билтен лицата се наведени со иницијалите, отсуствуваат вообичаените податоци за возраста и местото на живеење.
Во соопштението се наведува дека во петокот на 28-ти октомври, во 23:20 часот лицето идентификувано со иницијалите Е.А. на телефонскиот број за помош 192 пријавил дека во Градскиот парк во Скопје, движејќи се по сервисната улица кон хотел „Парк“ со своето возило „фолксваген“ со скопски регистарски таблици коешто лично го управувал, бил удрен од возило „туарег“ со скопски регистарски таблички кое доаѓало од спротивен правец.
Поради тоа што возачот на „туарегот“ по сударот не застанал, туку се дал во бегство, Е.А. со својот автомобил тргнал во потера по џипот. Но возачот на „туарег“-от продолжил да се движи по улицата „Франклин Рузвелт“, по што свртел десно по улицата „М.Т.Гологанов“, па потоа по улицата „Њуделхиска“, каде што предизвикал и втора сообраќајна незгода удирајќи во апркиран автомобил „рено“ со скопски регистарски таблици, и повторно, без да застане, продолжил кон улицата „Алжирска“, каде бил сопрен од полициска патрола, којашто веќе била алармирана.
Од страна на полициски службеници лично и непосредно било утврдено дека од возилото „туарег“, кое е во сопственост на Агенцијата за вработување, излегле Д.С. и сопатничката Т.К..
Лицето идентификувано со иницијалите Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото, по што од страна на полицискиот службеник била известена Единицата за информирање и командување.
За време на утврдувањето на идентитетот на сопатничката, лицето кое го управувало возилото Д. С. разговарало на мобилен телефон и се оддалечило од возилото на неколку метри, по што со трчање се дало во бегство во правец на улицата „Дрезденска“. Од страна на полицајци заедно со тимови од единицата „Алфа“ биле извршени обиколки во непосредната околина, но лицето не било пронајдено односно успеало да избега.
Меѓутоа, околу 2 часот на улицата „Алжирска“, односно на местото каде што било оставен „туарег“-от дошоло лице идентификувано како М. Т. и на полициските службеници им пренел дека возилото било управувано од негова страна. Меѓутоа, од дадената изјава на ова лице, полицијата констатира дека тоа недоволно ги познавало околностите под кои се случиле двете сообраќајни незгоди, што наведува на заклучок дека тој не го управувал возилото.
Изјавата на М.Т., исто така, не кореспондира со изјавата на сопатничката и утврдената фактичка состојба на лице место од страна на полициските службеници коишто констатирале дека во возилото се наоѓале само лицата Д.С. и Т. К. Имено, ова лице не знаело да каже каде се случила првата сообраќајка, како и по која рута се движело возилото до местото на вториот инцидент.
Според сознанијата на медиумите, лицето коешто се пријавило како сторител на незгодата, е личниот возач на министерот Спасов, вработен Минисерството за труд и социјална политика.
Од МВР додаваат дека работат на комплетно расчистување на околносите околу случените сообраќајни незгоди, за што јавноста ќе биде соодветно информирана.
Како што е веќе објавено, синоќа на улицата Алжирска се случила сообраќајка во која учествувал црн „туарег“, кој удрил во неколку паркирани возила. Според пишувањата на повеќето медиуми и сведочења, возачот наводно бил Диме Спасов, дополнителниот министер за труд, кој наводно бил пијан и го управувал службеното возило, кое наводно било сопственост на Агенцијата за вработување.
Според одредени сознанија полицијата кај Спасов извршила тестирање за евентуално присуство на алкохол и психотропни супстанци, а резултатите би требало да бидат објавени во текот на денот. Исто така, извори наведоа дека Спасов не се појавил во саботата до раните попладневни часови на распит во сообраќајната полиција./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Исчезнат велешанец, внукот пријавил во полиција

Маж на возраст од 59 години бил пријавен за исчезнат во СВР Велес вчера во 19 часот.
За исчезнувањето пријавил неговиот внук кој рекол дека педесет и девет годишниот вујко Д.П се оддалечил од неговиот дом во којшто живеел сам.
Од СВР Велес ја потврдија информацијата, и како што велат – истрагата е во тек.
Црна хроника
Приведена скопјанка за издржување затворска казна од две години и шест месеци

Околу 13.30 часот на ул.„Јордан Мијалков“ во Скопје, полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка – Отсек потраги ја лишиле од слобода С.Ц.(63) од Скопје.
Таа била барана по потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор затвор од две години и шест месеци за сторено кривично дело по член 247 од Кривичниот законик.
Лицето било предадено во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, по што ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.
Црна хроника
Од обложувалница во Шутка одземени пари, уапсени три лица од Скопје

Полициски службеници од ЕВР Чаир ги лишиле од слобода М.Д.(35), Р.К.(33) и А.И.(36), сите од Скопје.
Тие се сомничат дека околу 22.25 часот на 06.12.2023 во спортска обложувалница на подрачјето на Шуто Оризари со закана кон вработената oдзеле пари од касата. При претрес во домот на М.Д., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело.
По целосно документирање на случајот, ЕВР Чаир до ОЈО Скопје ќе поднесе соодветна пријава.