Црна хроника
Oбвинение за лицето што шверцуваше кокаин во пакети со банани
Скопското Обвинителство поведе обвинение против едно лице во врска со случајот со кокаинот што беше откриен во пакети со банани.
Тој се товари дека на 19 февруари во селото Крушопек, општина Сарај, неовластено, заради продажба, држел кокаин со тежина од 1.001 грам.
Дрогата беше откриена при извршен претрес на товарно моторно возило во пакетите со банани што биле превезувани за правното лице – сопственост на обвинетиот. Кокаинот бил спакуван во едно пакување во правоаголна форма, со две полиетиленски безбојни обвивки, на кои имало ознаки и втиснато лого – глава на јарец.
Станува збор за претходно оформен кривичен предмет во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за нелегална меѓународна трговија со наркотична дрога кокаин, каде што постапката се водеше против две лица за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Кога кривичната постапка беше запрена против едниот осомничен, списите од овој предмет за вториот осомничен беа доставени на понатамошно надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

