Црна хроника
Ограбена менувачница во Струмица
Од менувачница во Струмица украдени се пари во различни валути, како и златен накит во вредност повеќе од 20.000 евра.
Имено, од саботата до неделата наутро, во периодот од 19 до 7 часот во Струмица, на ул. „Гоце Делчев“ непознат сторител извршил тешка кражба во менувачница. Сторителот со погоден предмет насилно ја отворил влезната врата, влегол внатре и го откорнал сефот кој бил сместен под работното биро и од истиот одзел 3.700 евра, 1.360 американски долари, 1.175 канадски долари, 2.000 австралиски долари, 1.500 англиски фунти, 300 шведски круни, 100 лева, 640.000 денари и поголема количина златен накит. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Струмица. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Ваташанец лишен од слобода, возел со 1,77 промили алкохол во крвта
Ваташанец бил лишен од слобода, возел со 1,77 промили алкохол во крвта, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Утрово во 03:00 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода Ј.М.(23) од с.Ваташа, кавадаречко. При сообраќајна контрола на ул.„7 Септември“ во Кавадарци е сопрено патничко возило „шкода“ со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,77 промили алкохол во крвта, појаснуваат од СВР Велес.
Оттаму додаваат дека по целосно документирање на случаите против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Мртов најден исчезнатиот маж од Кавадарци
Исчезнатиот кавадарчанец бил пронајден починат, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес.
-Вчера во 10 часот во ОВР – Кавадарци е пријавено дека во атар на село Куманичево, кавадаречко, е пронајден починат И.К.(66) од Кавадарци, за кој на 24 декември беше пријавено дека се оддалечил од домот. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид извршила увидна екипа од ОВР – Кавадарци. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција, појаснија оттаму.
Црна хроника
Полицаец од Гази Баба фатен во изнуда на 20.000 евра, ќе добие отказ
Лишен од слобода полициски службеник за сторено кривично дело „изнуда“. Поднесена е кривична пријава, а следува и суспензија од работното место.
Како што информираат од МВР, по претходна пријава од граѓанин за сторено кривично дело „изнуда“ од полицискиот службеник Х.З.(48) во Одделението за криминалистички работи Гази Баба, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презеде соодветни мерки и активности за расчистување на случајот. Граѓанинот пријавил дека Х.З. заедно со други лица во повеќе наврати му барале 20.000 евра, пари кои наводно синот на пријавителот ги земал од него. После тоа, преземени се мерки и извршена е криминалистичко-техничка обработка на парични средства, а на 25.12.2025 на подрачјето на Центар, непосредно по примопредавањето, Х.З. бил лишен од слобода и при извршен претрес кај него се пронајдени 20 апоени од по 50 евра.
„Тој е задржан во полициска станица, а Единицата за насилен криминал, Одделението за насилен криминал при СВР Скопје, до ОЈО Скопје, против Х.З. поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“ по член 258 од Кривичниот законик. Одделот за внатрешна контрола против Х.З. ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка. Додека, судија на претходна постапка на пријавениот му определил мерки на претпазливост, посочија од МВР.

