Црна хроника
Пејачката Алачки нема да одговара за сообраќајката во којашто беше прегазен пешак
Фолк пејачката и водителка на кулинарска емисија Андријана Алачки нема да одговара за сообраќајната несреќа во којашто со својот автомобил „ауди“ прегази седумдесет и шестгодишен пешак.
Јавниот обвинител ја отфрлил кривичната пријава што ја поднело министерството за внатрешни работи против нејзе бидејќи, како што соопштуваат од Обвинителството, пејачката не била виновна за сообраќајката.Вештачењето на обвинителството и вештачењето на семејството се разликуваат, па било направено трето дополнително вештачење, кое покажало дека пешакот поминувал надвор од пешачкиот премин и возачот немал можност да ја избегне незгодата.„Во текот на постапката од страна на одбраната беа доставени две вештачења, согласно кои кај осомничената не постои вина за настанување на незгодата. Со цел правилно утврдување на фактичката состојба, од страна на Основното јавно обвинителство Скопје со наредба е наложено ново вештачење, согласно кое возачот не направил пропусти, а пешакот е тој кој има направено пропусти кои се причинско последично поврзани со настанување на незгодата. Од страна на оштетените – законски застапници на сега починатото лице, доставено беше вештачење кое по наодот и мислењето се разликуваше од другите вештачења. Со цел разјаснување на контрадикторностите, а во насока на утврдување на фактите во предметот, надлежниот јавен обвинител издаде уште една наредба за вештачење, по што списите од предметот беа доставени до Бирото за судски вештачења на тим од вешти лица од областа на сообраќајот. Согласно вештиот наод и мислење на тимот од вешти лица при Бирото за судски вештачења произлегува дека возачот во конкретната ситуација реагирал соодветно на дадената ситуација. Имено, во околностите кои се создале со неправилното и невнимателно преминување на пешакот преку коловозот надвор од пешачки премин, возачот немал техничка можност да ја избегне незгодата. Тимот од вешти лица констатира дека опасната ситуација ја создал пешакот, а возачот немал никаква техничка можност за избегнување на незгодата“ соопштуваат од Обвинителството.Сообраќајката се случи во октомври минатата година на улицата “Франклин Рузвелт”, поточно во близина на крстосницата со улицата “Руѓер Бошковиќ” во скопската населба Карпош. Андријана Алачки (47) од Скопје со својот автомобил “ауди” со скопски регистарски таблички удрила во скопјанецот Киро Деловски (76).Деловски од ударот се здобил со тешки телесни повреди, поради што со возило на Брза помош бил пренесен на скопските клиники, каде што и покрај напорите на лекарите, по околу два часа починал./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Фрлена течност пред Основниот суд во Куманово
Непознато лице истурило течност до зградата на Основниот суд Куманово, соопшти денеска СВР Куманово.
– Вчера во 21:50 часот во СВР Куманово, полициски службеник од судска полиција на Основен суд Куманово пријави дека едно лице се доближило до зградата на Основен суд Куманово и истурило течност, по што заминало, информираше полицијата.
СВР Куманово презема мерки за расчистување на случајот, а од Основното јавно обвинителство информираат дека се разгледуваат камерите и течноста ќе се носи на вештачење.
Црна хроника
Возач фатен со 1,99 промили алкохол во крвта и активна забрана за управување возило
Вчера во 21:10 часот на автопатот Куманово-Велес, кај клучка Аеродром во Скопје, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи го лишија од слобода Т.А(54) од Велес.
Имено, при контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „ланчиа“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал Т.А. и по преземени мерки и извршен алкотест било констатирано дека возачот е под дејство на алкохол, односно дека управува моторно возило со 1,99 промили алкохол во крвта и дека имал активна забрана за управување возило.
Лицето од страна на полициските службеници е лишено од слобода и по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Црна хроника
Малолетник тешко повреден во сообраќајка на патот Прилеп–Македонски Брод
Ноќеска во 02:00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп–Македонски Брод се случила сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Според информациите, несреќата се случила меѓу „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ф.И. од село Дебреште, и „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Е.Ш. од истото село.
По несреќата, 17-годишен сопатник од возилото „ауди“ бил пренесен во Градска општа болница Прилеп, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ОВР Македонски Брод.
Се работи на целосно расчистување на случајот.

