Црна хроника
Починало бебе во Тетово, таткото го нападнал педијатарот
Шестнеделно бебе починало во понеделникот во Тетово, од засега непознати причини.
Во понеделникот изутрина таткото го однел бебето кај пензиониран педијатар во Тетово бидејќи имало здравствени проблеми. Педијатарот му дал одредена терапија, меѓутоа по неколку часа состојбата на бебето му се влошила и околу пладне тие повторно се вратиле кај педијатарот. Но, во тоа време тој бил отсутен, додека во соседната амбуланта, каде се обратиле за лекарска помош, констатирале дека детето е веќе починато. Кога се вратил таткото физички го нападнал пензионираниот педијатар, по што го однесол бебето во тетовската клиничка болница. Во координација со јавен обвинител и по негова наредба починатото бебе е дадено за обдукција и по што ќе се утврдат причините за смртта. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец ја истепал поранешната партнерка и насилно ја исфлил од автомобилот
Скопското Обвинителство поведе постапка против едно лице за телесна повреда.
„Осомничениот на 4 јануари, при испад на љубомора, ја навредувал и телесно ја повредил неговата поранешна партнерка, удирајќи ја повеќе пати по главата и телото, а потоа насилно ја исфрлил од својот автомобил, туркајќи ја на бетонот помеѓу столбчињата поставени на коловозната лента“, соопшти Обвинителството.
Случаен минувач го пријавил настанот во полиција, а оштетената била пренесена во болница за укажување на лекарска помош.
Јавниот обвинител предложи од судијата на претходна постапка да определи мерка на претпазливост – забрана за приближување и остварување каков било контакт со оштетената во текот на постапката.
Црна хроника
Државјанки на Бугарија осомничени за кражба на банкарски картички и паричници во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две државјанки на Република Бугарија за кои постои основано сомнение дека вршеле повеќе кривични дела – Кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
Првата осомничена во пет наврати, од кои последниот пат заедно со второосомничената, од различни лица крадела паричници, во кои покрај парични средства имало и банкарски картички од кои потоа се обидувале да повлечат и дополнителни износи.
Така на 04.04.2025 година, во автобус бр.7 на ЈСП-Скопје, на релација од поликлиника Букурешт до Рекорд, осомничената украла паричник во кој имало 2.600 денари, банкарска картичка и други документи, а кога оштетениот се јавил да ја блокира сметката од банка му кажале дека од банкомат веќе му биле подигнати 30.000 денари.
Во текот на август 2025, во трговски центар во Скопје, три пати вршела кражби на паричници во кои имало документи, картички, пари и други вредни предмети со што првично прибавила противправна имотна корист од 39.000 денари. Потоа од картичките се обидувала да извлече уште пари, што кај една оштетена и успеало и од банкомат на два пати и повлекла од сметката вкупно 60.000 денари.
Последниот пат на 04.01.2026 година двете осомничени заедно, повторно во продажен објект на трговски центар, украле паричник од оштетена и други предмети во вкупна вредност од 3.000 денари, а потоа два пати неуспешно се обидувале од банкомат да повлечат пари од сметката на оштетената.
Бидејќи во конкретниот случај постојат индиции дека осомничените во двата успешни обиди за повлекување пари од украдените картички користеле ПИН кодови кои жртвите, повозрасни лица, ги чувале запишани во своите паричници, јавниот обвинител презема дејствија за да испита дали осомничените исполниле и елементи на кривично дело – Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. За осомничените странски државјанки предложена е мерка притвор.
Фото: unsplash
Топ
Лажен лекар измамил 77-годишна штипјанка за сума од 700.000 денари
Вчера во 16:30 часот во СВР Штип, 77-годишна жена од Штип пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 700.000 денари.
Според пријавеното, претходно во текот на денот лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ја известило дека нејзината сестра била во болница поради скршеница на нога за која било потребно да се изврши операција со вградување на шипки.
Како што е пријавено, лицето ѝ ги побарало парите и откако се договориле во неколку наврати ги однела на договореното место. Исто така, според пријавеното, подоцна во нејзиниот дом дошла нејзината внука и заедно ја контактирале нејзината сестра, при што сфатила дека била измамена.
Се преземаат мерки за проаноѓање на сторителот и за расчистување на случајот.

