Црна хроника
Притвор за двајцата крадци кои ограбија и убија кичевец
Триесетдневен притвор им е одреден на двајцата крадци кои пред десет дена го ограбија и убија седумдесет иседумгодишниот кичевец Зулфиќар М.
Против дваесетгодишниот и дваесет иедногодишниот кичевец е поднесена кривична пријава за „разбојничка кражба со последица лишување од живот“.На 9-ти февруари околу 20 часот, Зулфиќар ги затекнал двајцата крадци во неговата куќа на улица „Јосиф Јосифоски Свештарот“ во Кичево. За да ги задржат украдените предмети, 12.000 денари и најлонската кеса во која имало медалјони, синџирчиња и други метални предмети со жолта боја за кои мислеле дека се златни, крадците го нападнале сопственикот. Тие пронашле и украле и пиштол кој потоа го продале по цена од 200 евра. Најлонската кеса ја сокриле кај месноста Кошарани во Кичево, која подоцна е пронајдена при преглед, во присуство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево. Безживотното тело на старецот го пронашол неговиот син кој при влегување забележал претурање на предметите од покуќнината, а во една од собите на приземјето го видел безживотното тело на неговиот татко. Смртта ја констатирал доктор од Општата болница од Кичево кој забележал видливи повреди во пределот на главата.На местото на кривично правниот настан, извршен е криминалистичко-технички увид во присуство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, полициски старешини од СВР Охрид, вешти лица од одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи како и полициски службеници од полициската станица Кичево. Притоа, констатирано е дека кривичното дело е извршено со насилно кршење на стакло од светларникот по што било извршено пребарување низ собите на приземјето и горниот кат. При извршувањето на делото, случен е напад врз животот и телото на сега починатиот сопственик на куќата. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

