Црна хроника
Разбиена десет члена хакерска група која крадела од платежни картички
Македонската полиција разбие десетчлена организирана криминална група инволвирана во вршење на криминални активности поврзани со изработка на лажни веб страници – фишинг и кражба на податоци од платежни картички и банкарски податоци со цел вршење на нелегални трансакции.
Оперативната акција „Компас“ успешно е спроведена е од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал при МВР по претходно спроведена истрага.
Притоа, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против десет лица за сторени кривични дела „Злосторничко здружување„ и „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“
Организираната криминална група е составена од десет македонски државјанин од кои Р.П. (32) од Прилеп, З.М. (28) од Штип, П.П. (30) од Прилеп, се организатори на криминалната група, а Д.Г. (32), Б.П. (28), Г.К. (33) сите од Прилеп, како и М.Т. (21), И.Т. (27), Ј.Р. (26) и С.П. (32), сите од Скопје, се членови на криминалната група.
Групата најчесто крадела податоци од клиенти на банки кои потекнуваат од Канада и на тој начин се стекнала со имотна корист од 95.609 американски долари и 99.000 евра.
При реализацијата на случајот беа извршени претреси на вкупно седум локации (три во Скопје, три во Прилеп и една во Штип), на коишто живееле/престојувале членовите на организираната група.
Во рамки на спроведените мерки и активности од страна на МВР обезбедени се девет осомничени лица, при што за првопријавениот Р.П. и третопријавениот П.П. како и шестопријавениот Г.К. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Второпријавениот З.М. не е достапен на органите на МВР, и за него е распишана потерница.
Од преземените мерки и активности утврдено е дека членовите на организираната криминална група делувале на начин што прво и второпријавениот прибавувале банкарски податоци од вистински платежни картички и податоци за носители на тие платежни картички. Податоците ги прибирале изработувајќи лажни веб страници – фишинг (веб страници кои се визуелно идентична копија на оригиналната и истите имаат полиња за оставање на банкарски податоци од страна на корисниците, но веб страната е лажна и тие банкарски податоци ги добива лицето кое што ја поставило таа фишинг страна).
Вака изработените лажни веб страни (фишинг страни) ги поставувале на веб сервери во странство и линковите до истите со помош на спам пораки (е-маил пораки кои што го содржат линкот до фишинг страната и кои што се испраќаат на таргетна група на корисници кои што се претпоставува дека ги користат услугите од оригиналната веб страна), каде што како дел од спам пораката, која што обично е реклама за некоја нова услуга, го ставаат и линкот до лажната ВЕБ страница, и така подготвените спам пораки во вид на меилови ги препраќаат до таргетната група на лица. Откако овие оштетените ќе ја отвореле лажната ВЕБ страница, без да приметат дека не е оригинална, ги вметнуваат своите кориснички имиња и пасворди за пристап, и овие податоци автоматски се зачувуваат на документ поставен на интернет за таа цел, а до кој што пристап имаат членовите на криминалната група.
Понатаму вака прибавените банкарски податоци членовите на криминалната група ги користеле за неовластено префрлање на готови парични средства од сметки на странски физички лица на лица во Р.Македонија преку различни сервиси за брз трансфер на пари (Western Union и Moneygram). Имено користејќи ги украдените податоци од платежни картички, преку ВЕБ страната на Western Union, преку која е возможно да се испраќаат пари онлајн, ги искористувале тие податоци и од нив префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства, кои пак парите ги подигале лично на шалтерите на сервисите за брз трансфер на пари како и во банките кои ги нудат услугите за брз трансфер на пари, во прво време во РМ, а подоцна и во Р.Косово.
Што се однесува пак до украдените банкарски податоци, истите ги користеле така што се најавувале на ВЕБ страните на банките каде што уботребувајќи ги украдените податоци, и преку системот за онлајн трансакции си префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

