Црна хроника
Се преврте возило полно со мигранти
Осум мигранти се повредени во сообраќајка, кога возилото со кое се превезувале, бегајќи од полицијата се превртело на патот кон Валандово.
Како што соопшти полицијата, во понеделникот, околу 5.30 часот мешовита полициска патрола, во реонот на село Богородица биле забележала три патнички моторни возила „Ауди“ сите со скопски регистарски ознаки.
Првото возило имало улога на „чистач“, додека во другите се превезувале мигранти.
Во координација со друга патрола направен е обид за сопирање на возилата, кои на даден знак за сопирање не застанале и со голема брзина наместо кон Скопје продолжиле со движење кон Валандово, при што едното возило кај крстосницата Брајковци-Пирава-Валандово излетало од коловоз и се превртело.
Возачот побегнал, а со повреди се здобиле осум мигранти, кои со две амбулантни возила се пренесени во болницата во Гевгелија, каде им се констатирани телесни повреди.
Се работи за шест лица од Мароко и две од Пакистан.
Мешовитата патрола продолжила со следење на другото возило по регионалниот пат Струмица-Штип и во близина на село Градошорци заедно со патрола од Струмица било сопрено при што во возилото пронајдени се 10 илегални мигранти и тоа четири од Либија, две од Пакистан, три од Алжир и еден од Мароко, како и возачот З.Р.(28) од Скопје.
Третото возило не е пронајдено. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.
Исто така, во вторник, половина час по полноќ на автопатот Скопје-Гевгелија во близина на с.Удово, од страна на мешовит патролен тим, забележано е возило „Шаран“ со скопски регистарски ознаки управувано од А.Е.(25) од Албанија, во кое се пронајдени 12 илегални мигранти од Сомалија, Иран и Бангладеш.
Возачот е лишен од слобода, а илегалните мигранти се приведени во ГП „Богородица“ за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

