Црна хроника
Спречен шверц на хероин сокриен во тетрапак сок
Царинските службеници на граничниот премин Богородица спречија обид за шверц на 1,2 кг хероин сокриен во тетрапак пакувања за сок
Во петокот сабајле околу 4 часот, за влез во Македонија се пријавил автобус со македонски регистарки ознаки кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар.
При детален преглед извршен од страна на царинските службеници во внатрешниот дел од автобусот, над две од седиштата пронајдена била една најлонска кеса во која биле ставени два овошни сока во тетрапак пакување. Но намсето сок, во тетрапак пакувањата се пронајдени две пакетчиња наполнети со хероин, облепени со селотејп трака, со вкупна тежина од околу 1200 грама.
Бидејќи ниту еден од патниците во автобусот не се пријави дека пронајдената кеса е негова, случајот беше предаден на Оддлението за истраги при Царинската управа, кои во координација со Основното јавно обвинителство Велес го превзедоа случајот. Осомничен е дваесет и двегодишен патник од автобусот.
Патникот го набавил хероинот во Турција и требало да го пренесе и предаде на лице од Македонија. Како организатори на шверцот со хероин се јавуваат лица од Македонија и Турција, а пријавениот бил само пренесувач на дрогата. По насоки добиени од организаторот, пријавениот пред неколку дена отпатувал за Истанбул каде се сретнал со турски државјанин кој претходно го подготвил и го сокрил хероинот во амбалажа од двата овошни сока.
Цената на хероинот со оваа чистота, на нарко пазарот би достигнала околу 30.000 евра.
Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство, а истрагата против сите инволвирани лица продолжува./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

