Црна хроника
Tешко повреден пешак во Тетово по удар од автомобил
Вчера во 5:45 часот на крстосница во Горна чаршија во Тетово, патничко возило „фиат пунто“, со пробиштипски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.И.(25) од Тетово, удрило во пешакот М.И.(79).
Во несреќата пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во тетовската Клиничка болница, каде што бил пренесен за укажување на лекарска помош.
На местото на несреќата увид извршила екипа од СВР Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Деца од Струмица пријавени за насилство врз соученик
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе известување согласно Законот за правда за децата против тројца малолетници од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“.
Според информациите од полицијата, на 29 декември 2025 година, во основно училиште во Струмица, а потоа и надвор од училишниот објект, пријавените физички нападнале нивен соученик. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и постапување по случајот, во согласност со законските прописи што се однесуваат на малолетни лица.
Црна хроника
Пак нови измами со лажни лекари и измислени сообраќајки
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека во последните 24 часа на подрачјето на Штип се пријавени две измами извршени врз повозрасни лица, при што сторителите се претставувале како лекари и лажно пријавувале тешки сообраќајни незгоди.
Според полицијата, на 30 јануари 2026 година, во СВР Штип најпрво бил пријавен случај во 11:30 часот од 96-годишен маж од Штип, кој навел дека бил измамен за износ од 3.500 евра. Како што пријавил, телефонски бил контактиран од лице кое се претставило како лекар и му соопштило дека неговата ќерка се здобила со скршеници и дека е неопходна итна операција за која требало веднаш да се плати. По претходен договор, оштетениот од балконот ги фрлил парите, кои биле преземени од лице што чекало под објектот и веднаш го напуштило местото. Подоцна, откако стапил во контакт со својата ќерка, сфатил дека станува збор за измама.
Вториот случај бил пријавен истиот ден во 16:30 часот од 77-годишна жена од Штип. Таа изјавила дека по идентичен начин била измамена од лице кое се претставило како лекар и ѝ соопштило дека нејзината ќерка е тешко повредена и дека е потребна итна операција. По договор со сторителите, таа од балконот предала 3.000 евра, 30.000 денари и златен накит на женско лице, кое по преземањето го напуштило местото на настанот. Подоцна и таа утврдила дека станува збор за измама.
Од МВР соопштуваат дека и во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните и откривање на сторителите, а апелираат граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви телефонски измами.
Црна хроника
Во куќа во Ѓорче Петров фрлени две запалени стаклени шишиња
Непознато лице ноќеска фрлило две запалени стаклени шишиња кон семејна куќа во Ѓорче Петров при што настанал пожар кој бил изгаснат од членови на семејството. Повредени лица нема.
Министерството за внатрешни работи во денешниот полициски билтен информира дека случајот е пријавен во 03:22 часот од страна на 49-годишна жена.
– Едно од стаклените шишиња паднало во дворното место до паркирано товарно возило, а второто паднало на тераса од куќата и предизвикало пожар. Пожарот бил изгаснат од членови на семејството. Повредени лица нема, информира МВР.
Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

