Црна хроника
Уапсен сопственик на градежни фирми од Скопје, затаил данок од 400.000 евра
Сопственик и управител на две градежни фирми од Скопје е уапсен под сомнение дека затаил данок од 400 илјади евра, соопшти Финансиската полиција.
Полицијата трага по уште двајца други сопственици и управители на градежни фирми осомничени за помагање во криминалот.Уапсениот сопственик прикажал фалсификувани податоци во сметководствената евиденција, така што евидентирал 47 фактури со невистинита содржина од добавувачи -градежни фирми кои се во сопственост и се управувани од второ и трето пријавениот кои фирми никогаш ниту извршиле услуги, ниту, пак, е извршено плаќање кон нив. Второпријавениот, исто така, сопственик на градежни фирми од Скопје, со цел да му помогне на првопријавениот да изврши поврат на ДДВ, изготвил 14 фактури во износ од 14.385.944 денари кои не ги евидентирал во сопственото сметководство, со што прикажал невистинити податоци во поднесените ДДВ пријави и завршните сметка, ја намалил обврската и не пресметал и не платил данок на додадена вредност.Уапсениот бизнисмен со цел да се стекне со поголема материјална полза, од банкарските сметки на двете негови фирми за наводни „материјални трошоци“ и за наводни обврски „по склучен договор“ подигнал парични средства во готово за кои не изготвил и не доставил документација во сметководствената евиденција за нивна економска оправданост во износ од вкупно 54.238.910 денари.Пријавениот со цел да не плати данок, дури и извршените набавки на трговска стока од маркети во Скопје кои ги користел за сопственото домаќинство во износ од 1.808.477 денари, без никаков правен основ ги плаќал со пари од фирмите кои ги поседува.Основано сомневање за сторено кривично дело даночно затајување е утврдено и при продажба на основните средства на една од фирмите, бидејќи наплатените пари наместо да ги упати на сметката на фирмата, пријавениот ги присвоил лично за себе.Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство во Скопје против трите лица поднесе кривична пријава за сторени кривични дела даночно затајување и фалсификување или уништување на деловни книги. На уапсениот бизнисмен му е одреден триесетдневен притвор./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

