Топ
Пациент почина, две лекарки повредени по нагло сопирање на медицинско возило за да избегне судир во центарот на Скопје
Вчера околу пладне во полицијата во Скопје било пријавено дека на крстосницата меѓу улица „11 Октомври“ и булевар „Кочо Рацин“ дошло до инцидент со медицинско возило.
Според пријавеното, комбе „рено трафик“ на приватна здравствена установа, управувано од 55-годишниот Ж.А. од Скопје, нагло закочило при обид да избегне судир со друго возило кое веднаш го напуштило местото.
Од наглото кочење со тешки телесни повреди се здобила 26-годишната лекарка А.М., а со полесни повреди 41-годишната А.Р., двете од Скопје и вработени во установата. Повредите им биле констатирани во ГОБ „Св. Наум Охридски“.
Во возилото се превезувал и 89-годишниот Ј.Т., пациент со здравствени проблеми. Тој бил пренесен во „Св. Наум Охридски“, каде што лекар констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција.
Полицијата извршила увид на местото и презема мерки за целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го предупредувале газдата за инспекции, а неговиот син давал поткуп за тоа – инспектори и даночни контролори нови осомничени за пожарот во „Пулс“
Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс”. Од нив, осум се денеска уапсени, а тројца се претходно обезбедени и за нив се веќе одредени мерки.
За тројца од нив донесена е наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.
Тие се осомничени за примање поткуп, додека одговорното лице – син на реалниот сопственик на „Пулс” е осомничен за давање поткуп.
За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс”, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.
Шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе” и „Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле – Злоупотреба на службената положба и овластување.
За нив се предложени мерки на претпазливост.
Сопственикот на „Пулс” кој веќе е во притвор во другиот предмет е осомничен за Фалсификување исправа, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот.
Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која, исто така, е опфатена со претходната постапка во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик поради откривање информации за ненајавени контроли.
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.
Македонија
(Видео) Да ги пронајдеме мешетарите што го рушат имиџот на здравството: Мицкоски со најава за сериозни реформи
На неколку фронтови во здравството се работи и се вложува, а треба да се вложува уште многу повеќе од ова коешто сега се прави, бидејќи за жал многу малку е направено во минатото, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Деведесет милиони денари сепак не е малку, не е ни многу, имајќи предвид дека речиси ништо не е правено, со години, со децении, само приказни се кажувани.
Како Влада сериозно се зафативме со овој проблем. Заедно со министерот, во периодот којшто следи ќе имаме еден подолг ресорен состанок на којшто ќе ги определиме чекорите за понатаму. Ќе има сериозни реформи, и структурни, но и квалитативни, и убеден сум дека за неколку години од денеска ќе имаме комплетно нова претстава во здравството. Бидејќи често пати зборувам, ќе го повторам тоа и денеска, дека како Влада одвојуваме за здравството повеќе од една милијарда евра. Нешто што досега никогаш не било ни приближно толку направено. Да речеме само во годината за време на ковидот таа бројка била некаде околу 500-550 милиони евра. Значи сега сме, би рекол, два пати повеќе. И повторно имаме проблеми. И тоа е нешто коешто нас не вознемирува.
Луѓе алармираат, даваат одредени индиции, за одредени појави коишто не се добри, кај одредени лица, но никако да дојдеме до реализација и до доказ. Тоа е она коешто за мене претставува, како прв човек на Владата, сериозен предизвик“.
Убеден сум, нагласи Мицкоски дека во периодот којшто следи надлежните ќе дојдат и до сериозни докази за постоечките индиции коишто луѓето ги кажуваат.
„Ги повикувам да се охрабрат за да можеме заеднички, имаме ние алатки како тоа да го направиме, за да докажеме девијантно однесување. Во спротивно ќе бидеме неуспешни“.
Многу скоро од денеска, најави тој, секој еден граѓанин ќе може да почувствува дека јавното здравство нуди услуги коишто се конкурентни и квалитетни.
Им честиташе на луѓето кои се дел од јавното здравство за тоа што го прават.
„Затоа што прават вонсериски напори, вложуваат вонсериски напори, и вие самите констатиравте дека овде конкретно луѓево се за Гинис.
Затоа мора да направиме една координирана акција, како за оној персонал и за медицинските работници да обезбедиме соодветни услови, но од друга страна оние здравствени мешетари кои што го разрушуваат имиџот да ги пронајдеме и да ги санкционираме.
Затоа не можам секогаш да се сложам со луѓето коишто го напаѓаат јавното здравство затоа што тоа не е вистина. Затоа што во јавното здравство, работат луѓе коишто даваат се од себе. И јас како претседател на Владата, ќе сторам се што можам да помогнам, колку можеме во рамките на нашите можности, да направиме едно јако, силно јавно здравство“.

