Топ
Пиштол и муниција пронајдени во домот на скопјанец, поведена истрага

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело- Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Врз основа на судска наредба обезбедена од јавниот обвинител, полициски службеници вчера извршија претрес во домот на осомничениот 23-годишник во Скопје. При претресот беше пронајден еден полуавтоматски пиштол и вкупно 51 куршум со калибар 9ммPara, како и рамки и други додатоци за оружјето кое го поседувал без дозвола.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје утрово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото доколку се брани од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Линеарното покачување на пензиите од 1.000 денари ќе стигне во Собранието пред да се распишат изборите, вели Мицкоски

Владата, на денешната седница, ќе го разгледа предлог-законот со кој пензиите, место процентуално, наесен и следната пролет ќе се покачат линеарно по 1.000 денари. Премиерот Христијан Мицкоски очекува да бидат изгласани пред да бидат распишани претстојните локални избори.
„Јас веќе најавив дека очекуваме линеарно зголемување на пензиите. Тоа практично го бараат пензионерите од Владата. Тој процент, во согласност со законот, кој треба да се зголеми, да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии. Ние тој глас го слушнавме како Влада. Денеска, на седница на Владата би требало да помине предлог-законското решение и веднаш потоа да биде испратено до парламентот. Очекувам парламентот пред распишувањето на локалните избори тоа да го изгласа позитивно“, рече денес премиерот Мицкоски.
По двете линеарни покачувања на пензиите од 2.500 денари, во септември минатата година и во март годинава, беше предвидено наесен пензиите да се зголемат процентуално, односно според растот на инфлацијата и просечната плата, во согласност со системското решение што го воведе претходната власт во 2022 година кога беше предвидено пензиите двапати годишно да се усогласуваат со трошоците за живот.
Според официјалните податоци од Фондот за пензиско осигурување, во земјата има 345.245 пензионери. Најниската пензија, по двете линеарни покачувања, изнесува 18.192, а највисоката надмина 85.000 денари.
Топ
Македонец почина на плажа во Драч

Турист од Македонија почина вчера на плажа во Драч, Албанија.
Инцидентот се случил вчера околу 19 часот во близина на Каваја. 66-годишниот маж Ш. А., жител на Македонија, најверојатно доживеал срцев удар откога влегол во морето и како последица на тоа го загубил животот, објавија албанските медиуми.
Албанската полиција отвори истрага за случајот, а телото на починатиот е предадено на судска медицина.
Фото: принтскрин
Македонија
Бронзен медал за македонскиот тим на Европската олимпијада во информатика

Македонските ученички информатичарки трета година по ред се оние што успешно ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади по информатика. На петтата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која од 14 до 20 јули се одржува во Бон, Германија, нашите ученички остварија уште еден одличен резултат освојувајќи еден бронзен медал.
Бронзениот медал за Македонија на ова значајно меѓународно натпреварување го освои Сара Стефановска од Крива Паланка, а достоен резултат постигна и Антонела Владева од Свети Николе освојувајќи олимписка пофалница. И другите две членки на македонскиот тим, Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица, имаа солидно претставување. Вклучувајќи го и овој бронзен медал, македонските ученички на досегашните пет изданија на ЕОИД имаат освоено вкупно 1 сребрен и 7 бронзени медали.
Тимот е предводен од Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој со своите ресурси редовно ги поддржува активностите на Здружението на информатичарите на Македонија и организацијата на натпреварите по информатика. Оваа година се одржа 36-тиот циклус натпревари преку кој беа избрани и учесничките за оваа олимпијада. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање, наменет само за ученички средношколки од државите во Европа, кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на ЕОИД е да го поттикне учеството и присуството на девојките во областа на информатиката овозможувајќи простор во кој талентираните ученички може да ги демонстрираат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународна сцена. Оваа олимпијада има значајна улога во мотивирањето повеќе девојки да се одлучат за кариера во компјутерските науки и слични области, каде што жените сè уште се малку застапени. Преку создавање средина што нуди поддршка и предизвик ЕОИД настојува да ги инспирира и охрабри младите жени да напредуваат и да се истакнат во полето на информатиката.
Форматот на натпреварувањето на ЕОИД личи на веќе утврдените меѓународни олимпијади, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Како и на ИОИ, натпреварувачките треба во ограничен временски рок да решат серија алгоритамски и проблемски задачи. Централниот дел од натпреварот се одвива во текот на два натпреварувачки дена за време на кои ученичките се соочуваат со комплексни задачи што бараат осмислување и примена на ефикасни алгоритми. Овој натпревар не само што ги развива техничките способности туку и ги поттикнува тимскиот дух, аналитичкото размислување и креативниот пристап.
Секоја земја членка на ЕОИД-заедницата има право да учествува со свој тим составен од најмногу четири натпреварувачки под 20-годишна возраст, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик-лидер на тимот. На ЕОИД 2025 учествуваат вкупно 138 учеснички од 38 европски држави, а во неофицијална конкуренција учествуваат и 85 ученички од 22 држави надвор од Европа (меѓу кои Австралија, Канада, Египет, Индија, САД, Саудиска Арабија и др.). Со оглед на силната конкуренција, освоениот бронзен медал претставува значајно постигнување и потврда за успехот на македонскиот тим достоен за почит.
Следната, шеста по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2026), ќе се одржи в година во Италија. Следен настан, пак, кој им претстои на македонските ученици информатичари е централниот натпревар, односно Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сукре, Боливија, која ќе се одржи од 27 јули до 3 август.