Daily news
(Видео) Турската компанија „Мурат Тиџарет“ потпиша договор за закуп на градежно земјиште во ТИРЗ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/12/tirz-dogovor-1170x779.jpg)
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски, и менаџерот на компанијата „Мурат Тиџарет“, Ејуп Ѓулсој, денеска во Владата потпишаа договор за закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека потпишувањето на договорот за градежно земјиште е доказ дека Владата ќе гради добар однос со странските, но и со домашните инвеститори, и дека владината поддршката за нови инвестиции ќе биде и повисока од минатото.
„Мерките од планот за економски раст се транспарентни и со јасни критериуми за инвеститорите. Направивме симулација на постојните договори што ги имаме склучено со компаниите во ТИРЗ и резултатите се охрабрувачки. Сите компании што работат со успех и се развиваат би биле и подобро поддржани. За таа цел Владата во новиот буџет детерминира 46 отсто повеќе средства во програмата за економски развој за поддршка на инвеститорите, а се кратат непродуктивните трошоци за реклами. Разговараме со нови 19 инвеститори, а токму толку компании моментно се активни во ТИРЗ“, потенцира Анѓушев.
Ејуп Ѓулсој, менаџерот на компанијата „Мурат Тиџарет“, појасни дека планираат во првата фаза да инвестираат 6,6 милиони евра, со кои треба да се изгради производствен капацитет од над 6.000 квадратни метри и да се вработат околу 300 лица. Во периодот од 10 години компанијата би вработила вкупно 600 лица, а вкупното производство би се простирало на речиси 18.000 квадратни метри.
„Географската положба на Република Македонија, односно близината до ЕУ, квалификуваната работна сила, позитивниот пристап на Владата и новиот пакет на мерки за државна помош што Владата ги подготвува беа фактори што придонесоа компанијата да се одлучи да инвестира во Република Македонија“, истакна Ѓулсој.
Директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, истакна дека условите за инвестирање во зоните се исти за сите компании и дека Дирекцијата е во постојани преговори со домашни и странски компании кои се заинтересирани за инвестиции.
„Дирекцијата заедно со Владата континуирано води разговори со потенцијалните инвеститори заинтересирани за Македонија со кои сме во разни фази на преговори. Во последно време, освен на странските компании, зголемен е и интересот на домашните компании за инвестирање во ТИРЗ“, истакна Младеновски.
Компанијата „Мурат Тиџарет“ во земјата ќе функционира со името Murat Wiring Systems, која во согласност со договорот во наредните 50 години ќе добие на користење земјиште со површина од 32 илјади квадратни метри по цена на користење од 0,1 евра за квадратен метар годишно. Првата фаза на инвестицијата ќе започне во февруари 2018 година, а се очекува производствениот погон да започне со работа во декември в година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/thumbnail_The_Business_of_Pleasure_2.jpg)
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/1-1-3.jpg)
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/gruevski-sud.jpg)
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.