Daily news
Комуњаришта, неверници – Фатиме вторпат го читаше обвинението за шлаканиците во Центар
По барање на адвокатите на обвинетите, обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО вторпат го читаше обвинителниот предлог за случајот со насилството пред Општина Центар. Таа истакна дека некои од обвинетите, поради бизнис-интереси со наводен мотив – уривање на црквата „Св. Константин и Елена“, влегле во дворот на Општината и почнале насилнички да се однесуваат кон оштетените, ги малтретирале, грубо ги навредувале и им ја загрозиле сигурноста со тоа што силно тропале по прозорците од бараката бр. 6 во Општина Центар, каде што требало да се одржи седницата на Советот, како и по целата барака, цело време ги отворале прозорците од бараката, континуирано извикувајќи „Андреј, Андрејчооо, излези надвор, пичка ви материна комуњарска, ти ли ќе рушиш црква, излези и ќе видиш што ќе те снајде, излези, да ти ја ебам мајката, Вие ли ќе рушите црква, антихристи, неверници, уа, лопови, педеру, да ти ја ебам фамилијата, предавник, неверник, комуњаришта, живи нема да излезете од тука, да ми го јадете, на, еве ви, ќе ви го ставам во уста, комуњару, гомно комунистичко, Косовци, удбаши, банда хелеона и други погрдни, навредливи и заканувачки зборови.
Поради ова насилно однесување, била оневозможена работата на Советот и за да се спречат поголеми инциденти, седницата била прекината и презакажана за 10.6.2013 година кога повторно пред Општината се собрале неколку стотици луѓе. Бидејќи од безбедносни причини вратите за влез во дворот на Општината биле затворени, некои од обвинетите, заедно со другите од групата, насилно ја скршиле кованата ограда од дворот и почнале да фрлаат со разни предмети, и тоа: камења, живи јајца, домати, компири и полни пластични шишиња кон бараката, со што биле скршени сите прозорци од бараката број 6 од Општината.
Притоа телесна повреда во пределот на левото око, во вид на црвенило и влегување туѓ предмет, добила оштетената Билјана Чурилова, а при насилен обид за влегување во салата за седници била скршена и влезната врата од бараката преку која се стигнува до салата за седници, притоа повторно упатувајќи ги истите и слични погрдни, навредливи и заканувачки зборови како и на 7.6.2013 година, така што оваа состојба траела сè до доаѓањето странски амбасадори и претставници на ОБСЕ во просториите на Општината, рече Фетаи.
Во кривичниот суд денеска од почеток почна судењето за случајот со насилството пред Општина Центар, во кое првообвинет е експремиерот Никола Груевски, заедно со Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и десетина други лица… Според новиот распоред на претседателот на судот, Иван Џолев, предметот го суди судијата Душан Јосифов од Основниот суд Скопје 1. Јосифов го доби предметот од Татјана Михајлова, а со распоредот на Џолев, таа од овој месец суди прекршоци во бараките во Градскиот парк во Скопје.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.