Daily news
Реформи во медиумите: Средба на Заев, Ван Хојте и претставници од ЗНМ
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со Питер Ван Хојте, европскиот експерт кој на покана на ЗНМ е во Скопје, со цел да помогне во медиумскиот реформски процес, придружуван од претставниците на ЗНМ, претседателот Насер Селмани и извршниот директор Драган Секуловски.
На средбата, како што соопшти Владата, од страна на експертот Ван Хојте и од претставниците на ЗНМ е поздравена иницијативата на премиерот Заев и на Владата, медиумските реформи да бидат меѓу приоритетите во реформскиот процес што го отвори Владата.
„Работиме и ќе работиме активно со претставниците на медиумската заедница во Македонија со цел да поставиме долгорочно издржани, системски решенија во медиумската сфера, според најдобрите европски пракси. Се отворивме за целиот реформски процес, а тоа важи и за медиумските реформи. Ја консултираме целата експертска јавност. Го консултираме граѓанскиот сектор. Ќе ја вклучиме и опозицијата. Нашата цел е да обезбедиме МРТВ да биде кредибилен јавен сервис, професионално работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и услови за објективно и непристрасно работење на сите други медиуми бидејки интерес на сите граѓани е да бидат навремено и точно информирани“, рече претседателот Заев.
Европскиот експерт Ван Хојте посочи дека Македонија е на дното по медиумски слободи во извештаите на сите релевантни европски и светски институции и организации токму поради досегашното отсуство на политичка волја да се осигура слобода на говорот, професионално новинарство и заштита на новинарите.
ЗНМ бара посебно да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од страна на државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се потенцирани досегашни бројни примери.
Премиерот Заев и министерот Поповски најавија интензивна соработка со ЗНМ и претставниците на медиумската заедница во Македонија за сите суштински прашања од интерес за новинарите и медиумите во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
