Daily news
Се обидела да внесе евра во книга – македонските цариници ѝ ги одзеле
Во текот на минатата недела, македонските царински службеници открија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, техничка стока, обувки, козметички производи и фалсификати.
Задржани се следните производи:
Девизи
– 9.850 евра, откриени во два одвоени случаи, на скопскиот аеродром Александар Велики.
Во првиот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој пристигнал со лет од Базел, во џебови од панталоните и јакната биле пронајдни вкупно 18.350 швајцарски франци и 760 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.350 швајцарски франци и 760 евра, противвредност на 10.000 евра – износ што може слободно да се внесе во државата, а 8.000 евра се привремено задржани.
Во вториот случај, во рачна ташна на македонска државјанка, која имала намера да отпатува со лет за Загреб, бил пронајден плик со 3.850 евра, вметнат помеѓу страниците на книга. Патничката не поседувала документ за потекло на парите, поради што 2.000 евра, износ што може слободно да се изнесе од државата, ѝ биле вратени, а 1.850 евра се привремено задржани.
Против патниците ќе бидат поведени прекршочни пријави за сторените прекршоци.
Техничка стока
– 3 електронски плочи за стругови, со ознаки FUB-P4M4, FUB-DR3 и FUB-P4R2, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Обувки
– 39 пара патики, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените патики, пронајдени во 5 најлонски кеси, сместени на креветот во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка. Истовремено, поради сомневање дека патиките претставуваат фалсификати на заштитени трговски марки, Царинската управа ќе започне и постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Козметика
– 1.005 парчиња козметички производи (моливи за усни, кармини, маскари за трепки, сенка за очи и пудри за лице), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во 4 картонски кутии, сметени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 6.942 дезодоранси со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски камион, натоварен со стока со потекло од Турција наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран.
Пазарната вредност на сомнителните производи е проценета на околу 8,5 милиони денари, доколку би се продавале како оригинални. Сомнителните производи се привремено задржани и согласно законските прописи, Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на нивната оригиналност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.