Daily news
Традиционална полска вечер на „Охридско лето“
Традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ годинава беше во знакот на познатиот Варшавски хармоникашки квинтет кој синоќа одржа концерт во црквата „Света Софија“ .
Овој музучки состав го сочинуваат виолинистките Марија Маховска-Залах и Јустина Баран, Марек Чех на виола, виолончелистката Александра Охар- Справка, како и Клаудиуш Баран на хармоника и бандонеон. За публиката на „Охридско лето“, тие донесоа композиции од Дворак, Швидер и Пјацола.

„Прекрасно е чувството да се биде овде, на ова место кое е посебно убаво, исто како и просторот каде што настапивме. Ја читав историјата на црквата „Света Софија“ пред да дојдеме и многу ме воодушеви. Многу сме задоволни од концертот. Акустиката во црквата е одлична, а публиката внимателно не следеше“, изјави уметникот Марек Чех.
Варшавскиот хармоникашни квинтет првпат настапува пред публиката на фестивалот „Охридско лето“, но и во Македонија.
„Јас претходно сум слушнал за фестивалот. Сум гледал и слики од градот, но искрено, градот е поубав во живо, додаде Чех, кој по настапот на „Охридско лето“, исто како и неговите колеги од квинтетот заминува на одмор.
Почесниот конзул на Полска, бизнисменот Коста Костовски, истакна дека од година во година, на фестивалот „Охридско лето“ доаѓаат сè подобри и подобри уметници од Полска. На концерот присуствуваше и амбасадорот на Полска, Јацек Мултановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
