Daily news
Андонова: Проектот за нов клинички центар е готов и обезбедени се пари, Таравари треба само да го изгради
Министерот Таравари најави, а владата на СДС ќе спроведе прекин на проектот за изградба на нов клинички центар. Ова ќе предизвика огромна финансиска штета на проект за кој веќе се обезбедени парите, и за кој е потпишан договор за градба, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Освен тоа што во ветар ќе отидат 72 милиони евра, Република Македонија граѓаните ќе плаќаат и финансиски пенали поради непочитување на договорот за градба. Најголемата загуба е по здравјето, односно граѓаните најмалку уште десетина години доколку сега се прекине градбата нема да добијат нов клинички центар“, рече Марија Андонова од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека Таравари ја манипулира целокупната јавност дека проектот предвидува изградба на објект само за интерни клиники и со тоа го минимизира неговото значење.
„Целокупниот проект чини околу 72 милиони евра и предвидува интегриран објект на клиничкиот комплекс со кој се предвидува изградба на нов Клнинички блок, нова зграда на лаборатории и адаптација и реконструкција на зградата на Хируршките клиники која ќе биде интегрирана со новиот објект, а постоечките објекти на останатите клиники како Онкологија или клиника за гинекологија и акушерство ќе бидат поврзани со топли ходници и на тој начин ќе се обезбеди интегриран објект“, појаснува Андонова.
Според неа, тоа значи дека ќе може пациентите од клиника во клиника да одат без да излезат надвор, а не како што сака да ги задржи Таравари, под секакви временски услови да се излегува надвор.
„Да не го споменуваме и предвидениот нов и современ ургентен центар или пак зградата за лабаратории поврзани со пневматски транспортен систем за био материјали“, подвлече Андонова.
Таа уште додаде дека целокупниот проект е правен и воден во координација со банка на Советот на Европа.
„Оттука се поставува прашањето дали во наводната ревизија која тој ја направил за неколку дена увидел грешки во постапките на оваа реномирана европска финансиска институција. Ова само говори каков непрофесионален и неодговорен пристап во работата има актуелната власт и актуелниот министер Таравари“, рече Андонова.
Според неа, проектот веќе е готов и за него се обезбедени средства и на Таравари му останува само да го изгради, а не да наоѓа изговори за својата неспособност и да реализира нарачки од Зоран Заев за опструкции.
„За неговите манипулации со јавноста дека ќе градат нов клинички центар надвор од Скопје го упатуваме кај неговиот колега министер Бујар Османи, кој е поранешен министер за здравство и кој многу добро е упатен во трошоците за изградба на нов клинички надвор од Скопје. Таков објект ќе чини најмалку 450 милиони евра. Тоа значи дека ако Таравари го стопира проектот кој само треба да почне да го гради, тогаш тоа ќе значи 6 и пол пати повеќе пари и најмалку уште 10 години во кои пациентите нема да имаат современи услови за лекување“, рече Марија Андонова од ВМРО-ДПМНЕ. /макфакс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.