Daily news
Бомбашки напад во Киев – убиен телохранител, повреден пратеник
Еден маж загина, а четири лица се повредени синоќа, меѓу кои и украинскиот пратеник Игор Мосијчук, при експлозија на мотор бомба во Киев. Како што информира Министерството за внатрешни работи на Украина, во бомбашкиот напад во главниот украински град Киев е убиен телохранителот, а ранет е пратеникот Ихор Мосијчук од редовите на Радикалната партија. Полицијата трага по напаѓачите и нивните мотиви. Првичните информации се дека станува збор за терористички акт.
Како што информира украинското Министерство за внатрешни работи, до експлозијата дошло кога Мосијчук и неколкумина други ја напуштале зградата на една локална телевизиска станица во дистриктот Соломјански. Експлозијата била предизвикана од мотоцикл паркиран во близина на телевизиската станица.
Марк Грес, советник на Мосијчук, истакна дека пратеникот добил многу повреди од летечки парчиња, кои му ги погодиле екстремитетите, грбот и стомакот, но нема опасност за неговиот живот и моментно му се врши оперативен зафат. Телохранителот што успеал да го прикрие со своето тело починал на пат кон болницата.
„Припадник на првиот вод на полкот за специјални операции, роден во 1986 година, почина. Четворица други имаат рани од шрапнели со разно ниво на сериозност. Мосијчук во моментот е во Борисовата болница, каде што е опериран. Има рани на грбот и стомакот“, соопшти заменик-обвинителот Павло Кононенко.
Радикалната партија соопшти дека постојат сомневања оти инцидентот бил политички мотивиран, односно дека тоа било атентат врз нивниот член Мосијчук.
„Тоа е поврзано со неговите професионални активности и политички ставови. Јасно е дека ова е дело на нашите непријателски тајни служби“, оцени лидерот на таа партија, Олег Лијашко.
Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Зорјан Шкирјак, го нарече нападот терористички акт додавајќи дека истрагата за случајот ја преземала Украинската служба за безбедност.
По избувнувањето на конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина во 2014 година, зголемен е бројот на инциденти надвор од зоната на борбите во кои цел биле политичари и новинари.
Во јуни полковник во воената разузнавачка служба на Украина беше убиен од автомобил бомба во центарот на Киев. Поранешниот руски пратеник Денис Вороненков, критичар на Кремљ кој се пресели во Киев, беше застрелан во март годинава. Претходно во експлозија на автомобил бомба беше убиен новинарот Павло Шеремет, кој беше остар критичар и на Русија и на Украина. Овие случаи сè уште не се разјаснети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.