Daily news
(ВИДЕО) Меѓународниот сојуз ја одржа првата – конститутивна седница, избрани членовите на органите на сојузот
Во хотелот Александар Палас, денеска се одржа конститутивната седница на Меѓународниот сојуз за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории. На седницата беше усвоен Деловникот на Собранието на Меѓународниот Сојуз и беа именувани и избрани членовите на органите на Сојузот.
Деловникот како и членовите на органите на сојузот беа избрани едногласно со 40 гласа „за“ и ниту еден против. За потпретседател на Меѓународниот сојуз е избрана Јасна Мандиќ, Генерален секретар на Меѓународниот сојуз ќе биде Дијана Пелевска. Функцијата Претседател на Собранието на сојузот ќе ја извршува Агапи Дика, а за нејзин заменик е избран Александар Давидовски. Финансиски раководител и координатор на проектите на Меѓународниот сојуз ќе биде Јованка Кухар.
Според потпретседателот на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, мисијата на сојузот е револуционерни измени кои му се потребни на општеството во поглед на хуманоста која треба да се истакне кон граѓаните на кои навистина им е потребна помош.
„Моделот на успешните е да водат, да се разликуваат и да испорачуваат. Ќе овозможиме сервис и поддршка кои што ќе бидат долгорочни, кои што ќе бидат суштинско решение на индивидуално и групно ниво. Тие сервиси ќе се базираат на едукација, доедукација и озанатување, рече Мандиќ.
На конститутивната седница се обрати и претседателот на Меѓународниот Сојуз, Бојан Јовановски, кој изјави дека Меѓународниот сојуз ќе делува и како ад хок тело кое ќе им помага на луѓето кои во моментот имаат финансиски проблем за некако лекување или пак елементарна непогода.
„Ние не сакаме да бидеме никаква паралелна институција или паралелно министерство за труд и социјална политика. Затоа го повикувам и ресорното министерство за труд и социјална политика на сериозна соработка поради тоа што на нам ни е потребно исто како и на нив затоа што праксата од изминатите години покажува дека сите тие институции се троми и спори во своето делување и затоа конкретните работи не стигнуваат до луѓето каде што е потребно“, рече Јовановски.
Свое обраќање на конститутивната седница имаше и почесниот претседател на Меѓународниот сојуз, пратеничката Фросина Ременски која изјави дека амбицијата на сојузот треба да се поттикне и поддржи. „Меѓународниот сојуз само во овие неколку дена направи забележливи резултати, мисијата од секогаш функционирала, но она што е многу важно е што веќе се прават сериозни чекори во создавањето на партнерските односи помеѓу Меѓународниот сојуз, невладините организации, владините тела, државните институции, бизнис заедницата и сите оние кои што се гледаат во оваа мисија и сакаат да придонесат кон каузата на сојузот, а тоа е еднакво општество и подигање на свеста на граѓаните на Република Македонија за солидарност на сите граѓани без разлика на нивната припадност“, рече Ременски.
В.Ј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.