Daily news
„Вистината за ДУИ“: Градежно земјиште на Гостивар се продавало за смешни пари
Наводни злоупотреби што раководството на ДУИ ги направило во областа на урбанизмот во Гостивар беа презентирани денеска од страна на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во рамките на кампањата „Вистината за ДУИ“. Тој обвини дека градежно земјиште во сопственост на Општината било продавано за смешни пари, од 211.550 и 1.600 денари за квадратен метар.
„Замислете, за 211 денари за квадратен метар градежно земјиште пријател на шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник Невзат Бејта станал сопственик на градежно земјиште со површина од 7.559 квадратни метри. За 500 денари за квадратен метар, лице исто така блиско со поранешниот градоначалник на Гостивар, станало сопственик на градежното земјиште со површина од 2.178 квадрати, а за 550 денари за квадратен метар, близок човек на поранешниот градоначалник станал сопственик на градежно земјиште со површина од 1.940 квадратни метри. За цена од 1.600 денари за квадратен метар, што е сепак помалку од половина од реалната цена за таа зона, продaдeнa е и парцела со површина од 3.533 квадрати“, истакна Таравари.
Како друг, исто така, скандалозен случај, Таравари го наведе изработувањето проекти од страна на проектантски бироа, каде што над половина од проектите за станбени згради ги изработиле само три проектантски бироа, од кои едното било блиско со поранешниот шеф за урбанизам.
„Конкретно, од 46 колективни згради, едно биро за проектирање, многу блиско до поранешниот шеф на урбанизам, има изработено 16, со вкупна вредност од 329.732 евра. Друго биро за проектирање, за 6 изработени проекти, обезбедило средства во износ од 179.334 евра. А трета фирма изработила проекти за 3 колективни згради остварувајќи приходи во висина од 103.368 евра. Имајќи предвид дека ова е само дел од направените злоупотреби во сферата на урбанизмот, секој коментар е вишок“, истакна градоначалникот.
Тој на новинарите им ги презентира и документите за кои вели дека ги потврдуваат наводите и додаде дека за злоупотребите во областа на урбанизмот ќе се организираат и други прес-конференции. Таравари најави дека следната прес-конференција ќе биде посветена на злоупотребите во областа на финансиите, односно на луксузот што го правел поранешниот градоначалник со пари на граѓаните.
Во рамките на кампањата „Вистината за ДУИ“, што ја почна Таравари, во континуитет се одржуваат прес-конференции, на кои се обелоденуваат наводни злоупотреби извршени од страна на поранешното раководство на Општина Гостивар, а кои ги констатирала внатрешната ревизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.