Daily news
Грчки новинар во „ЕУ Опсервер“: Доста со идиотизмот, Македонија не ни претставува закана
Пред два месеца седнав на кафе во долниот кварт во Лондон. Девојката која ме служеше ме праша од каде сум бидејќи мојот акцент ѝ звучеше познато. Кога ѝ кажав дека сум од Грција, таа се насмевна и рече дека така и мислела, бидејќи беше од Македонија. Ѝ кажав дека поминав низ нејзината татковина додека патував во Србија. Кога дојде време да ја платам сметката, таа одби да ми ги земе парите: Кафето е од мене бидејќи вие сте првиот Грк што ја нарекол мојата земја Македонија.
Додека ви го кажувам ова, јас сум исполнет со сомневања за тоа дали требаше да го споделам она што се случи. Стравувам дека се опишувам себеси како некој вонредно слободоумен либерал кој ги повикува своите сонародници кои се навредени од соседната држава дека го користи името Македонија да се опуштат. Се плашам дека некои Грци ќе ме сметаат за предавник и во исто време се чувствував како идиот кој како да разменува мисли за брачното достоинство за едно кафе со млеко. Знам многу луѓе кои размислуваат како мене. Во Грција немам пријатели што Македонија ја нарекуваат Македонија. Немам колеги кои можат да го напишат ова име без да го стават во наводници, па дури и оние кои не се загрижени за овој спор.
Во 1991 година Грците преку масовни демонстрации и дипломатски маневри ѝ го одзедоа правото на соседната држава, која штотуку стана независна од поранешната Југославија, да се вика Македонија. Грчкиот аргумент беше дека постои истоимената област во Грција. Ова прашање останува нерешено до денес. Се разбира, целата приказна околу името е завршена. Потребно е двојно име. Целиот свет ја нарекува земјата Македонија, а Грција ја нарекува Скопје. Доколку Скопје не постои во странство, истото важи и за Македонија во Грција. Интензивните дипломатски преговори од последните денови и средбите меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос ги зголемија очекувањата дека ова прашање може најпосле да се реши по 27 години и конечно Македонија може да добие официјално име кое ќе се користи во меѓународните организации, на пример, „Нова Македонија“ или „Северна Македонија“, кое ќе се разликува од грчка Македонија, а тоа ќе ги смири Грците. Сепак, оваа искра на надеж за едно заедничко име, како што вели грчката страна, навистина не е во ничиј интерес. Никој во светот нема да го користи новото име. Кој е во право? Светот е во право. Грција не е.
Вие не можете да нарекувате држава со името на нејзиниот главен град и да очекувате трета земја да ја нарекува по ваше. Никој во Грција сериозно не верува во приказните за иредентистичките аспирации на Македонија. Уште помалку, може да бараме Англија да верува во тоа. Господи, како може една од најсиромашните земји во Европа, со сериозни малцински проблеми, земја која сака да влезе во НАТО, да ѝ се заканува на земја која е петпати поголема и помоќна од неа? И поради оваа причина сите оние кои немаат проблеми со ова прашање да престанат да се однесуваат како чиновници на Министерството за надворешни работи, да ги отстранат наводниците на Македонија и да престанат да ја користат кратенката ПЈРМ, што Грција усвои да се користи привремено.
Дa ја нарекуваме земјата Скопје во Грција за да не останеме со „модро око“, а низ светот да ја именуваме како Македонија, за луѓето да не нè сметаат за идиоти. Целиот свет ја нарекува Македонија и смета дека Грците се луди поради нивното тврдење дека земјата треба да се именува на друг начин – и уште повеќе, дека не им објаснивме како треба да се викаат во последните 30 години.
Коментаторот е на Тимиос Цалас, грчки новинар кој работи во невладина организација во Лондон. Цалас е исто така аналитичар за весникот „Катимерини“. Анализата е објавена во „ЕУ Опсервер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.