Daily news
Заев: Заканата од зголемена радикализација ја делиме сите земји од Западниот Балкан
Заканата од зголемена радикализација и од странските борци е загриженост што ја делиме сите земји од Западниот Балкан, рече премиерот Зоран Заев на конференцијата на тема „Странски терористички борци, промовирање, превенција и отпорност”, во организација на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, американската амбасада во Скопје, и на Националниот комитетот за сузбивање на радикализација и насилен екстремизам.
Според него, таа радикализација ѝ се заканува и на регионалната стабилност со повремено поларизирање и поделби во регионот, најчесто на меѓуетнички и на верски план. Ова е причината, додаде тој, зошто е потребна регионална соработка на сите нивоа.
„Позитивен развој е формирањето на платформата за регионална соработка против насилниот екстремизам и против феноменот на странските борци. Оваа иницијатива е израз на заедничките ставови кога станува збор за борба против овие глобални закани.
Во таа смисла, од суштинско значење е развивањето и на превентивната компонента.Тоа подразбира проактивен пристап, висок степен на унифицираност, континуирана професионална надградба за подигнување на нивото на оперативна способност и ефикасен одговор на сите безбедносни закани поврзани со тероризмот“, рече Заев.
Тој рече дека тероризмот нема националност и религија.
„Ако е така, тогаш и борбата против насилничките закани против човештвото немаат националност и религија, и во справувањето со нив мораме да бидеме единствени и зaедно“, истакна Заев.
Премиерот рече дека балканските земји, меѓу кои и Република Македонија, во континуитет се изложени на закани и ризици, од тероризмот и насилниот екстремизам, со сите нивни појавни форми.
„Имајќи ја предвид сложеноста на радикализацијата и насилниот екстремизам, кои водат кон тероризам, овие феномени се во врвните безбедносни приоритети на нашата земја“, рече Заев.
Тој истакна дека со одлука на Владата ова лето, Македонија формираше Национален комитет за борба против тероризам и насилен екстремизам, како важна одредба од планот 3-6-9 за зајакнување на институционалната структура за борба со овие безбедносни предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.