Daily news
(ВИДЕО) Конфликт меѓу Милошоски и Адеми: Ги одравте Албанците
„Не може вашите неуспеси на изборите, односно падот од 20 на 10 пратеници, да ни ги препишувате нам. Не може ВМРО-ДПМНЕ да биде виновна за корумпираните градоначалници на ДУИ во Чаир, Тетово и во Струга“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, обраќајќи му се на својот колега од ДУИ, Џеват Адеми, на распрвата по предлог-законот за употреба на јазиците.
„Не е виновен Антонио Милошоски или ВМРО-ДПМНЕ што во овие изминати години не можевте да вработите ниту еден Албанец без поткуп. Во Чаир не можете да добиете ниту една дозвола без корупција. Ги одравте Албанците. Не може корупцијата да не биде проблем, а да биде проблем тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за уставноста на предлог-законот за јазиците. За вас, полесно е да се криете зад изговорот – Груевски е виновен, тој не дава да се остварат правата на Албанците отколку да ги решавате проблемите на граѓаните“, рече Милошоски.
Пратеникот Џеват Адеми не му остана должен на Милошоски. Во контрареплика Адеми побара од Милошоски да му се извини на градоначалник на Чаир, Изет Меџити. „Каде се разликуваме јас, Вие, тука присутните и јавноста која слушаше за корумпирани политичари, за огромни провизии, но јас никого не нарекувам корумпиран, без за тоа да има судска пресуда. Најмалку што може да направите, Милошоски, е да му се извините на Изет Меџити, да ѝ се извините на Теута Арифи. Не знам дали има човек во Македонија кој ќе докаже дека Теута и Меџити се корупирани. Со ваква дебата не му помагаме никому. Да ја прекинеме оваа расправија и да дозволиме Македонија да живее европски“, рече Адеми.
Расправата по предлог-законот за употреба на јазиците започна со многубројни реплики, контрареплики помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се против, како што велат, овој закон да биде донесен во ваква форма набрзина, без јавна и аргументирана дебата. На нивното однесување неколку пати реагира претседателот на Комисија за европски прашања, Артан Груби, кој рече дека доколку се одолжува дебатата, во согласност со Деловникот, ќе бара ограничување на времетрањето на репликите.
Комисиската расправа во согласност со законските процедури ќе трае три дена, по што предлог-законот оди на разгледување на пленарна седница.
Габриела Д. Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.