Daily news
Презентирана првата студија за социо-економското влијание на „Пиварница Скопје“
Со своето работење „Пиварница Скопје“ годишно создава 44,6 милиони евра бруто додадена вредност за македонската економија. Околу 6.000 лица во земјава целосно или делумно зависат од генерираниот личен доход во целиот синџир на создавање вредности на „Пиварница Скопје“, која годишно обезбедува 13,7 милиони евра личен доход за своите вработени, како и за вработените во компаниите со кои соработува, што е еднакво на просечната месечна плата на 25.000 лица во земјава.
Вкупниот годишен придонес на компанијата во буџетот на земјата надминува 21 милион евра, што претставува 12% од целокупниот данок од добивка во државата за 2016 година. Кон ваквиот придонес на „Пиварница Скопје“ се додава и оној на партнерот – „Кока-Кола компани“, која само минатата година инвестираше над 1,4 милиони евра во македонската економија.
Ова се дел од индикаторите за учеството на „Пиварница Скопје“ во развојот на македонската економија, кои во форма на заклучоци се издвоени во првата студија за социо-економското влијание на компанијата што беше презентирана во Стопанската комора на Македонија, пред претставници на бизнис-секторот, на институциите на државно и на локално ниво, на академската заедница, дипломатскиот кор во земјата и на организации од граѓанскиот сектор. Целта на оваа студија, изработена според научна методологија од реномираната меѓународна консултантска куќа „Deloitte Sustainability Consulting“, е на транспарентен, независен и објективен начин да се одреди и да се прикаже пред целокупната јавност влијанието и значењето што „Пиварница Скопје“ го има во развојот на домашната економија и просперитетот на заедница.
Во студијата, која е прва од ваков вид во земјата, е содржано и дека секое работно место во компанијата придонесува за дополнителни 3,6 работни места во земјата. „Пиварница Скопје“ обезбедува работа за 1.000 добавувачи, од кои годишно набавува стоки и услуги во износ од 33,6 милиони евра. Компанијата соработува со повеќе од 13.000 бизнис-ентитети во земјата, со што остварува позитивно влијание врз развојот на повеќе од 15 витални сектори од домашната економија, меѓу кои: земјоделството, трговијата на големо и мало, угостителството и туризмот и други, со што во голема мера влијае врз заживувањето на целокупната економска активност во земјата.
„Формулата за ваквиот успех на ‘Пиварница Скопје’ не е никаква тајна. Тој е резултат на работата и на залагањата на генерации посветени вработени, на квалитетот и интегритетот на нашите производи, на целокупната поддршка што ја добиваме од двете глобални групации на кои им припаѓаме, ‘Кока-Кола HBC’ и ‘Хајнекен’, и секако на довербата од нашите потрошувачи на кои веќе 93 години им ги нудиме најомилените безалкохолни пијалаци и пива на пазарот“, изјави генералниот директор на „Пиварница Скопје’, Јован Радосављевиќ. „Успехот на компанијата се должи и на силните партнерства што ги градиме со нашите соработници, бизнис-партнери, коморите, државата и нашите потрошувачи. И во иднина ќе продолжиме да вложуваме многу време, енергија и други ресурси во обезбедување одржлив раст на нашата компанија, со што дополнително ќе придонесеме за социо-економскиот развој и просперитетот на заедницата“, заклучи Радосављевиќ.
За придонесот што го има „Пиварница Скопје“ за развојот на домашната економија, од експертски агол, но и од аспект на институциите, говореше и заменик-министерот за економија, Кире Наумов. „Со сите свои деловни операции, ‘Пиварница Скопје’ стимулира активности што се протегаат низ целокупниот синџир на вредности, поддржувајќи голем број компании, кои, пак, вработуваат, реализираат приходи и плаќаат даноци, со што се предизвикуваат позитивни ефекти во целокупната домашна економија“, изјави Наумов.
„Покрај влијанието што го има врз македонската економија, ‘Пиварница Скопје’ значително придонесува и за продлабочување на соработката во рамките на бизнис-заедницата, како и со државните институции и со другите организации. Сметам дека и во иднина, ‘Пиварница Скопје’, како лидер во домашната индустријата за производство на пијалаци, ќе продолжи да дава силен придонес за развојот на македонската економија, бизнисите и општеството во целина, повторно и повторно победувајќи ги предизвиците на времето“, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, истакнувајќи ја улогата на „Пиварница Скопје“ во економијата и пошироко.
Посебен сегмент во студијата за социо-економското влијание на „Пиварница Скопје“ е посветено на реализацијата на големиот број значајни општествено одговорни платформи и напорите за едукација и за подигање на свеста за теми што се исклучително важни за просперитетот на заедницата, во областите какви што се: здравјето и безбедноста, активниот животен стил, умерената и одговорна консумација на алкохол, јакнењето на местото на жената во општеството, обезбедување чиста животна средина и заштита на водните ресурси, како и стекнување знаења и вештини кај младите, со кои тие полесно ќе ги надминат бариерите при вработувањето или ќе отворат свој бизнис. Сето ова докажува дека одржливиот развој на заедницата на која припаѓа е основниот принцип на дејствување на „Пиварница Скопје“.
Целата студија за социо-економското влијание на „Пиварница Скопје“ е достапна на интернет-страницата ПОЛНА ЧАША: www.polnacasa.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.