Daily news
(ВИДЕО) Сеад Кочан: Не сум виновен
„Не сум виновен“, рече првообвинетиот во случајот „Труст“, бизнисменот и сопственик на „ТВ Нова“, Сеад Кочан, на расправата во скопскиот кривичен суд. Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани, се обвинети за незаконско добивање тендер на Електрани на Македонија.
Според обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, пред 6 години обвинетите свесно се затекнале во вистинско време и вистинско место, но со невистинита документација. Тој рече дека обвинетите нелегално се богателе со фалсификувани документи и го добиле тендерот на ЕЛЕМ.
„Заради тие 17 милиони евра, целосно се погазени правилата на конкуренцијата, чија примена во областа на јавните набавки, е од особено значење
бидејќи има за крајна цел подобрување на јавните услуги на граѓаните. Од тие причини, кривично-правната заштита на конкуренцијата законодавецот ја предвидел во членот 275-в од Кривичниот законик на Република Македонија и го инкриминирал свесното изигрување на прописите на постапката за склучување на договор за јавна набавка, вклучително и со поднесување на невистинита документација“, рече Бубевски.
„Обвинетите ископале 1 милијарда и 600 милиони денари“, рече обвинителот на СЈО во своите своите воведни зборови додавајќи дека се погазени правилата на конкуренцијата. „Потписите се неми сведоци за криминалната свест и совест на обвинетите”, додаде Бубевски.
Претходно судијката Лидија Трајковска Зимбовска го отфрли барањето на адвокатите на обвинетите да се закаже посебно подготвително рочиште зашто ја добиле листата на докази, но не биле запознаени со доказите. Обвинителот на СЈО, Артан Ајро, им делеше цедеа со докази на обвинетите и адвокатите со сите докази, скенирани записници од сведоци и слично.
Второобвинетиот Василије Авировиќ и третообвинетиот Сафет Ватиќ се изјаснија за невини. За адвокатката Сања Алексиќ, бранителка на 2 обвинети и на правните лица, вештачењето на СЈО е нерелевантно. Таа вели дека Конзорциумот располагал со многу повеќе вработени од она што е наведено како услов во тендерот. Адвокатот на Ватиќ, Митко Јанчев, рече дека неговиот клиент не е играч од висок ков за да игра големи игри.
Претходното рочиште беше одложено бидејќи одбраната тврдеше дека обвинетите примиле само обвиненија, без листа на докази што ги предлага СЈО. Кочан заедно со Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ се обвинети дека ја злоупотребиле постапката за јавен повик, за доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Станува збор за тендерот што во 2011 година го распиша државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. Доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра. Во „Труст“ се обвинети и три правни лица: „Транс Mет“ од Скопје,, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани. Oбвинетите доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.
Адвокатот Јован Јоанидис рече дека настапила застареност на кривичното дело. По 3 часа расправа заврши рочиштето за Кочан. На следното рочиште на 21 ноември е закажана доказната постапка.
В.М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.