Daily news
Сите 17 приговори на судиите се отфрлени
Врховниот суд на денешната општа седница ги отфрли сите 17 приговори од судиите за годишниот распроед на судии. Меѓу седумнаесетте судии кои поднесоа приговори за годишниот распоред се екс-претседателката на Врховен, Лидија Неделкова, потоа Диана Груевска Илиевска – судијката за „Поткуп“ и случајот Бучковски, Весна Димишкова – судијката која издаде налог за претрес на СЈО во УБК, потоа Ѓоко Ристов, Љубинка Башеска, Славица Андреевска, Добрила Кацарска, Седат Реџепагиќ, Александар Милошески и други.
Инаку, претседателот на Кривичен Стојанче Рибарев, за свој заменичка ја именува Славјанка Јанковска, која за три месеци ќе замине во пензија, а која донесе решенија дека разговорите од бомбите не се докази.
Предмети по нов ЗКП ќе судат: Моника Бахчовановска, која доаѓа од прекршоци, а ќе води и Кривичен совет е сопруга на Владимир Бахчовановски, партиски кадар на ВМРО ДПМНЕ и директор во повеќе јавни претпријатија.
На овој список се и Софија Лаличиќ споменувана во „бомбите“ која исто така ќе одлучува во Кривичен совет, како и Џенета Бектовиќ, Биљана Коцевска, Верка Костова Спасеска, Милка Васовска Ангеловска, Марин Станески, Весна Петровска тагасовска, Даниела Алексоска Стојановска, Душан Јосифов и двете изненадувања или „деградирање“ на судијките кои до сега судеа организиран криминал: Дијана Груевска Илиевска и Љубинка Башевска. Башевска го судеше „Пуч“, а Груевска: „Ликвидација“, „Шпион“, „Тенковски делови“ и други предмети.
Рибарев, го назначи поранешниот претседател на Основниот суд 1 Владимир Панчевски за шеф на целиот оддел за организиран криминал, претходна постапка, судења, а ќе го води и Кривичниот совет. Во распоредот не пишува кој Совет ќе одлучува кога Панчевски како судија на претходна постапка ќе одбие барање и по жалба ќе се одлучува во негов предмет.
Според новиот распоред, во организиран криминал, без судиите Диана Груевска и Ѓоко Ристов остануваат 6 судии, а како нови, покрај доскорешната вд судијка Татјана Михајлова ќе суди и судијката Лидија Петровска, која го судеше „Насилство во Центар“, а во исто време ќе биде и во кривичен совет и како судија за судска пракса.
Васко Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.