Daily news
Средба Бектеши – Зејбекчи: Потпишана одлуката за измена на Протоколот 2 во корист на деловната заедница
Потпишана е одлуката за измена на Протоколот 2 во корист на деловната заедница, информираат од Министерството за економија по средбата во Анкара што министерот Крешник Бектеши ја остварил со својот турски колега Нихат Зајбекчи.
Во рамки на средбата биле разгледани тековите на економската и трговската соработка меѓу двете земји.
„Во насока на продлабочување на билатералната економска соработка и поттикнување на трговијата, каде што во последните години е забележан раст, особено во делот на македонскиот извоз на турскиот пазар, двајцата министри по средбата потпишаа одлука на Мешовитиот комитет по Договорот за слободна трговија склучен во 1999 година меѓу Република Македонија и Република Турција. Со одлуката се врши измена на Протоколот 2 заради создавање одредби за примена на Регионалната конвенција за Пан-евро медитеранските правила за потекло на стоки (ПЕМ) и проширувањето на можностите за дијагонална кумулација на потекло на стоки со други земји“, информираат од секторот за координација на активностите на министерот.
Од Министерството додаваат дека примената на Регионалната конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во мај 2012, а Република Турција во ноември 2013, значи создавање идентични услови во примената на правилата за потекло, при што дијагоналната кумулацијата на потекло на стоката ќе важи за земјите членки на ЕУ, за оние ЦЕФТА земји кои применуваат Спогодба за стабилизација и асоцијација и ЕФТА државите.
Министрите Бектеши и Зејбекчи се согласиле во наредниов период да се формираат експертски тимови од двете земји кои ќе работат на модернизирање на Договорот за слободна трговија, со што ќе се овозможи негово усогласување со правилата на услуги на Светската трговска организација и ќе се создаде основа за нови преговори во земјоделско-прехранбениот сектор во интерес на бизнис-заедницата, каде што ќе бидат вметнати и инвестициите, како посебно поглавје.
Во надворешно-трговската размена на Република Македонија со светот, Република Турција се наоѓа на 8. место за периодот јануари – ноември 2017 и во 2016 година, а пред неа се Германија, Велика Британија, Грција, Србија, Бугарија, Италија и НР Кина. За периодот јануари-ноември 2017 година, вкупната трговска размена бележи зголемување од 0,8% (410.018 милиони долари) во однос на истиот период од 2016 година (380.222 милиони долари), при што кај извозот е остварен раст од 21,7% (77.989 милиони долари), додека увозот е зголемен за 5,0% (332.029 милиони долари).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.