Daily news
УНИЦЕФ: Сексуална злоупотреба и насилство демнат милиони деца во светот
Зачудувачки голем број деца, некои и на возраст од 12 месеци, се соочуваат со насилство, честопати од оние кои треба да се грижат за нив, се вели во најновиот извештај на УНИЦЕФ. Во „Познато лице: насилството во животот на децата и адолесцентите“, употребени се најновите податоци за да се покаже дека децата доживуваат насилство во сите фази од детството и во сите околности.
„Неприфатливо е што деца од сите возрасти и во секој дел од светот се соочуваат со насилство онаму кадешто би требало да се чувствуваат најбезбедно – дома, на училиште и во заедницата. Уништувачките последици од насилството детето може да ги чувствува во текот на целиот живот, а честопати се пренесуваат од една генерација на друга”, рече регионалниот директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија Афшан Кан. „Овие наоди мора да бидат повик за будење за да ги заштитиме сите деца од насилство”.
Три четвртини од децата во светот на возраст помеѓу 2 и 4 години – околу 300 милиони – доживуваат психолошка агресија и/или физичко казнување од нивните старатели дома. Околу 6 од 10 едногодишни деца во 30 земји со достапни податоци редовно се подложуваат на насилна дисциплина. Речиси една четвртина од едногодишните деца физички се протресуваат како казна, а речиси секое десето едногодишно дете добива удари или шлаканици по лицето, главата или ушите.Во светот, секое четврто дете под петгодишна возраст, живее со мајка која е жртва на насилство од интимниот партнер.
Во светот, околу 15 милиони адолесцентки на возраст од 15 до 19 години доживеале принуден сексуален однос или друг вид присилни полови дејствија во текот на животот. Само 1 отсто од адолесцентките кои биле жртви на сексуално насилство рекле дека побарале стручна помош. Во 28-те земји со податоци, во просек 90 отсто од адолесцентките кои доживеале секс под принуда, рекле дека сторителот на првиот инцидент им бил претходно познат. Податоците од шест земји откриваат дека пријателите, соучениците и партнерите се меѓу најчесто наведуваните сторители на сексуално насилство врз машките адолесценти.
Половина од населението на училишна возраст – 732 милиони – живеат во земји каде телесното казнување во училиштата не е целосно забрането. Околу 3 од 10 адолесценти (17 милиони) од 39 земји од Европа и Северна Америка признаваат дека биле насилни кон други деца на училиште. Во светот, скоро 130 милиони или нешто повеќе од една третина ученици на возраст од 13 до 15 години биле жртви на врсничко насилство.
Објавувањето на глобалниот извештај денес се поклопува со суб-регионалниот форум за зајакнување на собирањето податоци за насилството врз децата за да се унапреди застапувањето и политиките во шест земји и територии на Западен Балкан и Турција. Дводневниот настан во Белград, Србија е дел од програмата на Европската Унија, УНИЦЕФ и Европскиот форум за попреченост „Заштита на децата од насилство и промовирање на социјалната инклузија на децата со попреченост”, чија цел е зајакнување на националните системи за заштита на децата и обезбедување нивно социјално вклучување.
Во целата своја работа, УНИЦЕФ става приоритет врз напорите да се стави крај на насилството, вклучувајќи поддршка за напорите на државите да се подобрат услугите за децата погодени од насилство, да се изготват политики и закони кои ги штитат децата, и да им се помогне на заедниците, родителите и децата во спречување на насилството преку практични програми како на пр. курсеви за родителство и активности за борба против семејното насилство.
За да се стави крај на насилството врз децата, УНИЦЕФ предлага донесување добро координирани национални акциони планови за ставање крај на насилството врз децата – вклучувајќи ги образованието, социјалната заштита, правосудните и здравствените системи, како и заедниците и самите деца. Исто така се предлага менување на однесувањето кај возрасните и осврт на факторите кои придонесуваат кон насилството врз децата, заедно со економско-социјалните нееднаквости, општествено-културните норми со кои се охрабрува насилството, несоодветните политики и законодавство, недоволните услуги за жртвите, како и ограничените инвестиции во ефективни системи за спречување и одговор на насилството. Потребно е и градење на системите за социјална заштита и обука на социјалните работници за упатување, советување и терапевтски услуги на децата кои доживеале насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.