Daily news
ШК „Алкалоид“ повторно во борба за врвот на Европскиот клупски куп
Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија ШК „Алкалоид“ и актуелен европски клупски шампион оваа година повторно патува на најсилното клупско шаховско натпреварување со амбиции за висок пласман. Турнирот ќе се одржи од 08 до 14 октомври во Анталија, Турција. По историскиот резултат со освојувањето на шампионската титула минатата година, ШК „Алкалоид“ повторно има за цел освојување на една од медалите. Најсилен конкурент и рејтинг-фаворит на турнирот е екипата на „Лобус“ од Русија (поранешен „Сиберија“, која беше шампион 2015 година). Следат „Медни Всадник“ и „Легаси сквер капитал“ исто од Русија, потоа освојувачите на шампионската титула во 2013 „АВЕ Нори бор“ Чешка и „Одлар Јурди“ од Азербеџан.
Составот на „Алкалоид“ е ист како претходната година, по двајца врвни велемајстори од Кина, Украина и Русија, заедно со двајцата најдобри македонски шахисти.
- Динг Лирен (Ding Liren) (роден 1992), член на кинеска репрезентација и освојувач на златен медал на Олимпијадата 2014 и на Светското Екипно Првенство 2015, при тоа и бронзен медал за индивидуален резултат. Ding е трикратен шампион на Кина (2009, 2011, 2012). Во 2017 година остварува неколку извонредни резултати. Победа на супертурнирот Shenzhen Longgang Chess Grandmaster Tournament – Кина, и на турнир од FIDE Grand Prix 2017 Series, Москва – Русија. Во септември 2017 на Светскиот куп (World Cup 2017, Georgia) низ систем на меѓусебни елиминации од 128 учесници на стартот стигнува до финалето и се пласира на турнирот на кандидатите за светски шаховски првак.
- Ју Јанги (YuYangyi) (роден 1994), член на кинеската репрезентација со која освојува златен медал на шаховската Олимпијада 2014. Најмлад член на екипата на „Алкалоид“ , за која во 2015 освојува златен, а во 2016 сребрен медал за индивидуален резултат на Европскиот клупски куп.
- Ељанов Павел (EljanovPavel) (роден 1983), најдобриот украински шахист во моментов кој со украинската репрезентација има освоено две олимписки злата; во 2015 година на Светскиот куп стигна до полуфинале, во кое беше поразен од победникот на турнирот, трипати член на шампионска екипа на Европски клупски куп (2009, 2010 и 2016).
- Јаковенко Димитри (JakovenkoDmitry) (роден 1983), европски шампион за 2012 година; Светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година; Со руската репрезентација првак на Европскиот екипен шампионат за 2007 година и носител на сребрен олимписки медал за 2012 година, двапати златен медал за индивидуален резултат на Олимпијада (2008 и 2012), трипати член на шампионска екипа на Европски клупски куп (2005, 2006 и 2016).
- Андреикин Димитри (AndreikinDmitry) (роден 1990); Светски јуниорски првак за 2010 година и шампион на Русија за 2012 година, трипати член на шампионска екипа на Европски клупски куп (2009, 2010 и 2016), двапати (2008 и 2012) златен медал за индивидуален резултат на Европски клупски куп.
- Криворушко Јури (KryvoruchkoYuriy) (роден 1986) член на Украинската шаховска репрезентација; Шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последниве 6 години; 2015 година втор најдобар индивидуален резултат на Европски клупски куп.
- Панчевски Филип (роден 1988), член на македонската шаховска репрезентација. Шампион на Македонија 2010, 2012, 2014, 2016.
- Недев Трајко (роден 1973), член на македонската шаховска репрезентација, со која освојува сребрен медал за индивидуален резултат на Олимпијадата 1996 и Европското екипно првенство 2003 година. Шампион на Македонија 1997, 2000 и 2011.
- Јаќимовиќ Драгољуб (роден 1964), како член на македонската шаховска репрезентација освојува златен медал за индивидуален резултат на Олимпијадата 2000. Долгогодишен селектор на репрезентацијата. Капитен на екипата на ШК Алкалоид од 2009 година.
Составот на екипата е одраз на одличен тимски дух, играчи кои меѓусебно се почитуваат и соработуваат во интерес на постигнување најдобар резултат за клубот. Редоследот на играчите по табли Алкалоид ќе го објави на самиот почеток на натпреварите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.