Daily news
Ќерката на Ченто: Единствената партија што ја имаше татко ми беше Македонија
Со положување свежо свеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто денеска во Прилеп беа одбележани 60 години од смртта на овој наш голем македонски борец и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.
Свежо цвеќе положи делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески, претставници на Советот на Општина Прилеп, членови на семејството на Ченто, членови на организацијата на борци при Општина Прилеп, како и претставници на политичките партии и граѓански здруженија.
Ќерката на Ченто, Марија Јакимоска, која денеска се поклони пред споменикот на татка си, истакна дека единствена партија што ја имал Ченто била Македонија и целиот свој живот тој го насочил кон нејзино ослободување и осамостојување.
„Денеска се навршуваат 60 години од смртта на мојот татко, еден долг период, но многу краток за мене за да се заборави неправдата што му беше нанесена. Единствената партија што ја имаше татко ми беше Македонија и сите свои напори, сите свои желби, тој ги насочи кон ослободување, осамостојување и обединување на Македонија. Токму поради таа негова идеја, тој бил почесто во затвор за време на српската и за време на бугарската окупација, а најмногу одлежа, 9 години, во слободна Македонија, за која тој толку многу се залагаше“, истакна Марија Јакимоска, ќерка на Методија Андонов – Ченто.
Ченто бил уапсен на 14 јули 1946 година од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него бил поведен обвинителен акт, а по само два дена, Ченто бил осуден на 11 години затвор. Тој казната ја одлежал во „Идризово“ и во екстремно тешки услови бил чуван во специјалната ќелија. Од затвор излегол во 1955 годин по одлежани 9 години, а починал 1957 година од рак на желудникот.
Во 1990 година по барање на син му, Илија Андонов, обновен е судскиот процес против Ченто и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година претседателот на Република Македонија постхумно го одликува Ченто со Орден на Република Македонија, орден што го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.
Вечерва во ликовната галерија во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи изложба на фотографии по повод 60 години од смртта на Методија Андонов – Ченто, со наслов „Ченто – биографија низ фотографија“. Автор е Рубинчо Белчески, историчар, кустос советник во Заводот и музеј Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.