Економија
„Алкалоид“ пушти во употреба нови производствени капацитети – инвестиција вредна 11 милиони евра
Новите производствени капацитети за цврсти фармацевтски форми се простираат на површина од 7.000 м2 и се изведени во согласност со строгите прописи за добра производствена пракса.
Посветеноста на постојаниот раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминативе две децении „Алкалоид“ АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи преку 200 милиони евра. Во таа насока се и инвестициите во новите производствени капацитети, изведени во согласност со строгите барања за Добра производствена пракса (GMP). Три и пол милиони евра од инвестицијата беа наменети за целосно технолошко подготвување на Одделението за пакување цврсти форми, со површина од 2 000 м²; 5,2 милиони евра беа искористени за техничко-технолошко опремување, а 2,3 милиони евра чинеше изградбата на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема, со вкупна површина од 5 000 м². Целта на оваа инвестиција и идните вложувања во овој оддел се во насока на зголемување на производствените капацитети на цврсти фармацевтски форми за 50 %.

Поради специфичноста на процесите и поради пандемијата, примопредавањето на новите капацитети церомонијално го спроведоа г-ѓа Милкица Глигорова, директор на производствениот сегмент на ПЦ Фармација, и г. Живко Мукаетов, генералeн директор/претседател на Управниот одбор на компанијата, во присуство на членови на високиот менаџмент на „Алкалоид“ АД Скопје.

„Осум месеци по започнувањето на оваа капитална инвестиција пандемијата го парализираше светот. Работевме во вонредни услови без да ги попречиме тековните производствени процеси. И покрај сите објективни и субјективни предизвици во изминатиов период, особено сме горди што на прагот на годината на нашиот 85-годишен јубилеј предаваме во употреба уште еден комплетиран инвестициски проект. По истиот курс ќе продолжиме и во иднина – со нови вложувања во истражување, развој, нови технологии, во знаење, кадар и во освојување нови пазари. „Алкалоид“ како македонска компанија ќе продолжи достоинствено, рамо до рамо да се носи и да биде конкурентна со големите светски фармацевтски системи, како со знаење така и со капацитети. Тој пат го трасиравме сами и на тој пат ќе останеме зашто веруваме во себе!“, изјави г. Живко Мукаетов.
Оваа инвестиција е во согласност со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за осигурување на уште поинтензивни пласмани и на континуиран раст. Комплетирањето на оваа инвестиција создаде услови за реализирање на повеќе од 200 нови вработувања во компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

