Економија
„Алкалоид“ – резултати од работењето за периодот јануари-јуни 2020 година

„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби од 10 %, со двојно зголемени инвестиции во износ од над 841 милион денари и со 111 нови вработувања во периодот јануари-јуни 2020 година.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2020 година, продажбите достигнуваат 4.740.145.403 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.067.515.783 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%. Од вкупните консолидирани продажби, 34% се остварени на домашен пазар, додека 66% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 8%, а на другите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во земјите од Југоисточна Европа, со продажби од над 2 милијарди денари и со раст од 14%, споредено со истиот период од минатата година. САД бележат раст од 16%, Русија и другите земји во ЗНД раст од 8%, земјите од Западна Европа раст од 5% итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со 23%, антибиотиците со 15%, кардиолошките препарати со 15%, невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3%, козметиката со 8%, а билкарството учествува со 3%.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 944.488.412 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека единечната нето-добивка изнесува 525.025.059 денари и е зголемена за 10%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 978.792.142 денари и бележи раст од 13%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 511.911.371 денари е зголемена за 11%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2020 година, изнесуваат 841.058.536 денари, што е за 99% повеќе во однос на истиот период од 2019 година.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното. Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година.
Вработени
Во периодот јануари-јуни 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 111 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на јуни 2020 година во „Алкалоид“ во земјата работат 1.771 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 529 вработени или вкупно 2.300 вработени во групацијата.
Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.400,00 денари или просечно 11.949,58 денари за една акција, што претставува раст од 40% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30.6.2020 изнесуваше 17 милијарди денари.
Бизнис-план за 2020 година
Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на COVID 19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во текот на вториот квартал дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност. Како резултат на преземените мерки очекуваме резултатите од работењето на друштвото до крајот на годинава да се движат во рамките на веќе зацртаните плански цели за 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.