Економија
Ангеловска-Бежоска на почнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија: Преку финансиска едукација до ползување на придобивките од финтек-секторот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/Анита-Ангеловска-Бежоска-ОЕЦД-ИНФЕ.jpg)
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на покана на министерката за финансии на Холандија и ОЕЦД, учествуваше на настан посветен на финансиската едукација. Средбата истовремено го означи и почетокот на втората фаза на проектот финансиран од холандското Министерство за финансии и ИНФЕ-ОЕЦД, насочен кон поддршка на финансиската писменост и инклузија во регионот на ЦЈЕ. Средбата ја отвори потпретседателката на владата на Холандија и министерка за финансии, Сигрид Кааг, со обраќање кон присутните.
„Дигитализацијата во финансиите носи многубројни предности, вклучително и подобар пристап до финансиите, кој е важен за намалување на сиромаштијата и за повисок економски раст. Според некои истражувања, со полесен пристап до финансиите може да се зголеми растот и за 2 процента, а ако станува збор за дигитален пристап до финансиите, дури и повеќе. Сепак дигиталната ера носи и нови ризици. Ризиците од дигиталните иновации, како што се евентуалните нови видови на е-измама, откривањето, прашањата за безбедноста и доверливоста на податоците, полесниот пристап до краткорочни кредити и потенцијалната презадолженост на домаќинствата, мора да се третираат внимателно не само од регулаторна гледна точка туку и преку зголемување на свеста за нив во рамките на процесот на финансиска едукација“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата со наслов „Финансиска писменост и финансиска едукација: нови предизвици и стратегиски приоритети“.
Таа додаде дека покрај новите можности за инклузија, треба да се има на ум дека недостигот на дигитални вештини и писменост може, всушност, да ги ограничи инклузивноста и придобивките од дигиталните финансиски услуги. Затоа, треба да се развиваат ефективни иницијативи за финансиската едукација, кои ќе ги опфатат финансиите во дигиталниот свет, да се поддржат дизајнот и употребата на дигиталните алатки за да се обезбеди финансиско образование за помладите генерации, но и да се подигне свеста и кај постарите генерации.
На панел-дискусијата гувернерката истакна дека во рамките на првата фаза на проектот во изминатите неколку години е направен значителен напредок, што беше потврдено и од страна на меѓународните институции. Така, во 2021 година се донесени првата национална стратегија за финансиска едукација и инклузија, неколку стратегиски документи, а спроведени се и многубројни едукативни активности, со кои, меѓу другото, се посветува внимание и на дигиталната писменост. За ефективно спроведување на стратегијата, Народната банка ги зема предвид потребите на младата и на постарата популација и нуди разни видови образовни можности за целото население, што вклучуваат онлајн-предавања, едукативни објави на веб-страницата и социјалните мрежи, едукативни видеоигри и онлајн-квизови. Народната банка неодамна објави и брошура за користење на дигиталните финансиски услуги, што содржи лесно разбирливи совети за безбедно користење на овие услуги.
Настанот, на кој присуствуваа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, се одржа во Хаг, Холандија, во рамките на годишниот состанок за регионалниот проект „Техничка помош за финансиска едукација“. На настанот присуствуваа високи претставници од 10 земји од ЦЈЕ, кои се вклучени во проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.